„Беса транс“ негира дека продолжуваат со организација на патувања во Турција

Туристичката агенција „Беса Транс“, чиј автобус пред три недели доживеа тешка сообраќајна несреќа во Бугарија и во која животот го загубија 45 македонски патници, повторно продолжува со организирање тури за Истанбул од јануари следната година, објави вчера ТВ24. 

Новинарска екипа од телевизијата се јавила на телефонскиот број на агенцијата, а оттаму одговориле дека турите за Турција продолжуваат од јануари, но дека сè уште немаат точни датуми за екскурзиите. 

По ова се огласија од туристичката агенција, од каде ја демантираа информацијата. 

-На 8 декември, се појавија шпекулации дека „Беса транс ДООЕЛ“, наводно, од јануари 2022 година повторно ќе вози патници (екскурзии) од Р.С. Македонија до Турција и обратно. Целосно ги демантираме таквите шпекулации и ја известуваме пошироката јавност дека „Беса транс ДООЕЛ“ ниту може, ниту сака да организира транспорт (екскурзии), бидејќи компанијата е фокусирана на соработка со институциите на Р.С. Македонија и Бугарија, за брзо да се откријат причините за ужасната несреќа, се вели во објавата на фејсбук-страницата на агенцијата.