Арсовска учествуваше во екоакција за садење во парк - шумата Водно

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска учествуваше во екоакција заедно со „Ротари клуб Скопје Водно“ и ЈП „Паркови и зеленило“ за садење во парк-шумата Водно.

Во рамките на оваа заедничка есенска акција ќе се засадат над 100 дрвја на повеќе локации во парк-шумата со цел зазеленување, пошумување и зголемување на шумскиот фонд.

„Сите акции за пошумување се повеќе од добредојдени во Скопје со цел заштита на животната средина, а садењето нови дрвја и садници, уредување нови зелени паркови површини и зелени коридори е еден од приоритетите од програмата ‘За модерно Скопје’, а за што континуирано реализираме активности за остварување на овие цели. Во тек е реализација на големата есенска акција за садење и уредување на градското зеленило, а оваа акција е во согласност со нашите програмски заложби да го направиме Водно зелен штит на Скопје“, велат од Град Скопје.

Град Скопје, додаваат од таму, континуирано работи на заштита, зачувување, одржливо и совесно однесување кон природните убавини на планината Водно, со цел подобрување на целокупната грижа за планината.