Антикорупцинерите ги учат основците да препознаат корупција: децата кажуваат дека често се соочуваат со незаслужени оценки во одделението

Преку кампањата „Бидете херои на чесноста“, Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) ги учи учениците од основните училишта да ја препознаат корупцијата како општествено зло. Денес, Билјана Ивановска, претседателката на ДКСК, го посети скопско училиште „26 Јули“.

„Кампањата има цел да се доближиме до децата, да видиме со какви проблеми се соочуваат, како ја чувствуваат неправдата. Сакаме да им помогнеме ова општествено зло, корупцијата, полесно да го препознаваат. Во досега спроведените анкети тие кажуваат дека често се соочуваат со неправда, со незаслужени оцени во одделението, дека најчесто родителите интервенираат за да се поправат оценките, кажуваат дека имаат притисок од родителите да бидат секогаш одлични и така натаму. Затоа сметаме дека е многу важно да знаат да си градат вредности во себе, да не учат за оценки, туку да учат за знаење и од нив понатаму да произлезат професионалци што ќе го градат ова општество“, рече претседателката Ивановска.

Директорката на училиштето „26 Јули“, Бесаре Сеиди, објасни дека со кампањата почнале во април годинава и таа веќе дава резултати.

„Во нашето училиште нашите ученици веќе знаат што е корупција, запознаени се и мислат дека се краде од нивната иднина. За да ја задржиме нашата иднина, за да имаат цел нашите ученици, за да студираат, за да останат во оваа наша убава држава, мислам дека ние сме тие што треба да ги вградат тие вредности, чесноста и други убави вредности кај нив. Се надеваме дека ќе имаме влијание за понатаму. Децата се нашата иднина, децата ќе бидат тие што ќе влијаат во своите семејства, кај своите соседи, во општеството и ќе се ангажираат против корупцијата“, рече директорката Сеиди.

Претседателката Ивановска најави дека кампањата продолжува надвор од Скопје. „26 Јули“ е петтото училиште и последно во Скопје од вкупно предвидени 13. Кампањата ќе продолжи во државата во Штипско-кочанскиот Регион, во Струмичкиот, Охридскиот и во Тетовскиот, а ќе бидат опфатени уште осум училишта.