Анкетите покажуваат тројно поголем рејтинг на Мицкоски пред Ковачевски – поразот не им бега, велат ВМРО-ДПМНЕ

„Секоја релевантна анкета покажува дека не само што СДС ќе изгуби на претстојните избори туку во континуитет рејтингот и довербата кај граѓаните опаѓа. Колку подолго ја одолжуваат својата агонија, толку покатастрофален ќе биде нивниот пораз. Тоа е резултатот на нивната неспособност и неодговорност, но и поради криминалот и корупцијата, кои царуваат со оваа власт на ДУИ и СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Последната анкета на ИПИС, слично како и анкетите на другите агенции, покажува дека ВМРО-ДПМНЕ има двојно поголем рејтинг од СДС, односно за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 20,3 % од испитаниците, а за СДС 11,3 %. Во делот на рејтингот на лидерите на партиите, Мицкоски е со поддршка од 16,5 отсто, потоа следува Али Ахмети со 6,1 отсто, а дури на трето место е премиерот и лидер на СДСМ, Ковачевски, со рејтинг од 5,6 проценти. Ова покажува дека Мицкоски е со тројно поголем рејтинг од Ковачевски. Граѓаните во исто време јасно и гласно со 66,6 % даваат поддршка за тоа претседателските и парламентарните избори да се одржат во ист термин со цел да се заштедат и средства и време и да не се блокира државата цела година.

Оваа анкета само потврдува дека СДС и Ковачевски доживуваат пораз на секое поле и за секоја нивна нерационална политика. Крајот на нивното владеење се гледа, а колку побргу си стават крај, толку подобро за Македонија. Нека не ги држат во заложништво народот и државата, поразот не им бега“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.