Ангелов во 3 часот по полноќ спасувал повредено момче на Водно - Гестот наиде на пофалби

Првиот човек на Центарот за управување со кризи со гест кој наиде на пофалби на социјалните мрежи.

Стојанче Ангелов направи човечки потег за поздрав.

Тој во раните утрински часови самоиницијативно присуствувал на една незгода со цел да помогне на момче кое се повредило на Водно.

Несреќата се случила минатиот четврток, кога младо момче ја повредило ногата симнувајќи се пешки по козјите патеки на Водно.

- Како што знаете, секој четврток вечер на крстот на Водно има журки. При секоја журка во ноќните часови пешки се качува и симнува до крстот, а нормално и логично по патот не е осветлено. Кога била претпоследната журка на враќање од крстот еден дечко си ја скршил ногата, а во доцните часови Првата помош и ЦУК немале екипа да ја испратат на терен. Докторка зборувала лично на телефон со Стојанче Ангелов, а во услови на недостаток на екипи тој дошол на козјите патеки на Водно и на раце заедно со мои другари го спасиле дечкото и го пренеле до државна болница, сподели скопјанец на својот фејсбук профил.

Тој јавно го пофали генералот Стојанче Ангелов.

- Безз разлика што и да мислите за него овој потег од негова страна, што запалил кола и дошол во 3 сабајле е за почит. Поддршка, но и апел ЦУК да има екипи во секое време да бидат спремни за интервенција на терен. Со ваквите хумани потези како овој на Стојанче Ангелов сфаќам дека се враќа мојата надеж за човештвото, но се губи надежта во државата која нема дежурни екипи во ноќните часови, додава младиот скопјанец. 

Меѓу коментарите се огласи и генералот кој срдечно се заблагодари за убавите зборови и во негов стил, возврати со шеговит кометар.

- Благодарам за убавите зборови особено ако се земе во предвид дека ретко можат да се слушнат. ЦУК нема свои ресурси туку координира со ресурсите на државата. Во конкретниот случај за извлекување на повредено лице од една од најстрмните патеки на Водно, ДЗС и МВР имаат обучени тимови за спасување, но нивните процедури се спори, а овде се работеше за итен случај. Од друга страна се утепав дигајќи тегови во теретана па да не ми биде џабе толку вежбање ја употребив мојата физичка сила непосредно да помогнам. Бидејки менталната не ми е јака страна. Последната реченица ја ставив за да ги нахранам душевно оние кои ме мразат, иако ги нема многу, напиша Ангелов на фејсбук.