Ако не сте направиле увид во избирачкиот список време е да побрзате, рокот истекува за неколку дена

Учесниците на изборите и Државната изборна комисија (ДИК) интензивно се подготвуваат за претседателските и парламентарните избори. На 18 март завршува увидот во Избирачкиот список за обата типа избори. Исто така, на овој датум завршува и рокот за гласање во дијаспората.

Овластените претставници на предлагачите треба да ги достават листите на кандидати за претседател на Република Северна Македонија до ДИК најдоцна на 19 март, до 24:00 часот.

Од ДИК инфомираат дека заклучно со 11 март, вкупно 3.994 лица направиле проверка во Избирачкиот список во подрачните единици и канцеларии. Шест лица барале промена на податоците, девет лица барале запишување на своите податоци во Избирачкиот список, а пет лица бришење.

Проверката граѓаните ја прават и електронски преку веб страната на ДИК и исто така можат да поднесат и барања. Па, така до 11 март 21 лице поднело барање за промена на податоци по електронски пат, од кои три лица побарале бришење на податоците, а седум за запишување во Избирачкиот список.

Според информациите од Апликација на Државната изборна комсија за регистрација на гласачи од дијаспора (sec.mk) утрово таа бројка изнесува 1010 пријавени, од кои прифатени се 617, необработени 278 и одбиени 115.

Потребните потписи за претседател ги собраа актуелниот претседател Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Бујар Османи од ДУИ, Арбен Таравари од албанската опозициска коалиција Вреди, кандидатот на ГРОМ Стевчо Јакимовски, Максим Димитриевски лидерот на ЗНАМ-За наша Македонија и Билјана Ванковска Цветковска од Левица