АХВ: Салмонела детектирана кај шест лица, мострите од „7“ негативни

Добиените резултати од лабораториските испитувања на земените мостри храна од сендвичарницата „7“ во скопските општини Карпош и Кисела Вода, не потврдија присуство на патогени бактерии, односно мострите одговараат на микробиолошките критериуми за безбедност на храната и не се причина за труењето, поради кое неодамна беа хоспитализирани 43 лица.

Негативни се и наодите од земените брисеви од работните површини во сендвичарниците, соопштија денеска од АХВ.

Бактерија Salmonella enteritidis  group D, со лабораториско испитување на копрокултура  е детектирана кај 6  лица.

Во изминативе три месеци, во рамки на редовните контроли и постапувајќи по претставки од граѓани, овој оператор со храна е неколку пати контролиран од страна на инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство, при што не се утврдени недоследности, а хигиената во двата објекта (Карпош и Кисела Вода) била на задоволително ниво. 

Во двата објекта спроведени се наложените мерки од страна на инспекциските служби на Агенцијата и на Санитарно здравствениот инспекторат и тие по временото затворање повторно работат.