Знамето се вееше гордо и праќаше порака: СКОПЈЕ Е ОСЛОБОДЕНО!

„Ладно есенско утро, 13 Ноември, 1944-тата година. Партизаните се подготвуваат за борба. Срцата бијат како едно, мислата е насочена само во слободата и другарите, со кои можеби ова ќе биде последната средба“ – раскажуваше 85-годишната Пенка Кралевска, тогаш една од најмладите партизанки во 12-та Ударна бригада, која учествувала директно во ослободувањето на Скопје.

Сеќавањата, вели, се сè уште свежи, како да беше вчера. Како заменик на политичкиот комесар на 12-та бригада, таа зад себе има многу спомени поврзани со војната, со предвоено и повоено Скопје, но повеќе од сигурно, најубавите се врзани токму со ослободувањето на градот.

„Со бригадата бевме стационирани на Водно, се спуштивме кон Офицерскиот дом.Се сеќавам на најзначајниот момент во мојот живот, кога по долга борба низ скопските улици, татнежот на оружјето и стравот во душата, го поставив знамето на врвот од Офицерскиот дом. Драга, мојата другарка, го даде својот живот и до последната минута им помагаше на ранетите. Таа како болничарка се обидуваше да помогне на ранет војник пред училиштето „Гоце Делчев“, кај денешното Друштво на писатели, но тоа беше нејзината последна задача.

Токму тука загина Драгана. Со неа заминаа уште многу наши соборци, другари, роднини, сограѓани кои исто колку нас го сакаа градот и живот што пулсираше низ него, сè додека војната не го зави во мрак. Драга, мојата другарка беше погодена од непријателскиот куршум, во обид да го спаси својот соборец. Таа загина, а тој ранет успеа да се избори со смртта.

Тогаш ми се мешаа чувствата, емоциите и желбата да се успее во намерата да се ослободи градот од окупаторот. Кога стигнавме пред Офицерскиот дом, едвај ја разбивме вратата, но успеавме да стигнеме на врвот. Знамето се вееше гордо и праќаше порака: СКОПЈЕ Е ОСЛОБОДЕНО!

Јас тогаш, паметам, бев најгордата скопјанка, бидејќи ја имав честа да го развиорам знамето, во чест на слободата, во чест на моите другари кои ги дадоа своите животи за својот град. Од Офицерскиот дом, дел од бригадата се упати кон учителската школа. Иако слободно, низ улиците на Скопје сè уште се водеше борба“, вели Пенка Кралевска.

Победата дочекана со солзи и цвеќе!

Денот на ослободувањето на Скопје, 13 Ноември, е врежан во спомените на борците, кои ја пренесуваат радоста и гордоста и денес. Да потсетат, да укажат и да пренесат како се сакал својот град. Победата над непријателот во далечната 1944 година била дочекана со солзи радосници и цвеќе за ослободителите. Партизаните победоносно, на коњи, парадирале низ центарот на градот. По Скопје, останале неослободени градовите Тетово и Гостивар. Но, најголемата и најтешката битка, се сеќаваат борците, била издвојувана со ослободувањето на главниот град. Околу 500 партизани од кои стотина жени, учествувале во битките за ослободување на градот.

Извор: Фактор, 13.11.2013