Живеам гласно, љубам силно и воопшто не ми е жал за тоа

Тешка сум.
Знам дека сум.
Секогаш сум го знаела тоа. 

Премногу ме возбудуваат некои сосема обични работи. Станувам емотивна околу некои сосема малечки ситници. Во секој момент ми пролетуваат 100000 мисли низ главата. Размислувам бргу, зборувам бргу, а пишувам уште побрзо. Пеам на цел глас без оглед на тоа дали сум на концерт или сама во автомобил. Мислам дека целиот свет се распаѓа, а потоа сфаќам дека можеби само не сум се наспала како што треба и дека ми треба само чаша  вода и дека потоа сѐ ќе биде супер. 

И постојано се извинувам. Па се извинувам што сум се извинила. Премногу зборувам. Окупирам премногу простор. Танцувам секогаш кога ќе чујам музика: продавница, автомобил, банка... не е важно. Постојано започнувам нешто ново: нови хобија, мои проекти, нови фирми. 

Гледам облека и морам да ја имам. Мислам дека секој филм кој сум го гледала е „најдобриот на светов“. Ми се допаѓа секоја песна која оди на радио и воодушевено зборувам за неа, го истражувам текстото и копам за да го откријам скриеното значење. Истражувам. Читам. Се расправам. Со жар. Плачам кога нешто ќе се случи, а потоа во следниот момент целосно се превртувам и ја променувам перспективата и го наоѓам доброто и во најголемото зло. 

Тешка сум. Ретко пешачам. Ако пешачам, тогаш сигурно трчам некаде (Метафорички, секако. Ако навистина трчам, нешто чудно се случува). Кога сум опуштена, лудачки сум опуштена. Но, кога не сум, тогаш внимавај свету. Не одам на прсти. Скокам без да размислам. И истурам сѐ што е пред мене. Имам енергија и сакам кога таа енергија ми се враќа. 

Порано ги мразев овие работи кај себеси. Постојано се обвинував за сѐ од ова што го спомнав, се криев во себе и сакав да бидам сама, но истовремено сакав да бидам и со сите други. Претпоставувам тоа е поради тоа што длабоко во себе го сакав нивното одобрување кое ќе направи да се чувствувам добро. Порано мислев дека тоа што сум тешка е најлошата работа во врска со мене. Мислев дека тоа е причината поради која сум несфатена и осамена. Мислев дека тоа е мојата најлоша препрека. И затоа се уништував себеси. Се замолчував себеси. Се смалував. Си ја стишував мојата возбуда. Се убедував дека треба да бидам поедноставна, полесна за комуникација. Но, не сум родена да бидам таква. Тешка сум, комплицирана сум, но тоа не е мојот криптонит, тоа е мојот динамит. 

Многу давам. Многу простувам. Многу работам. Многу се смеам. Многу плачам. Многу грешам, па потоа станувам и продолжувам понатаму. Многу сонувам. Многу верувам. Живеам жестоко. И сакам слободно. И тука нема ништо лошо. Нема ништо лошо во тоа да запознаете некого и веднаш едноставно да кликнете. Нема ништо лошо во тоа да им кажувате на луѓето дека ги сакате. Нема ништо лошо во тоа да се смеете и да плачете и да сочувствувате со болката на другите.

Ако и вие сте гласни како мене. Ако скокате од едно на друго место. Ако ви треба време да се смирите и навечер лежите и се прашувате што не е во ред со вас и зошто сте ја лупнале таа глупост која сте ја лупнале прееска. Во ред е!

Во ред е. Сѐ е во ред со вас. Сѐ ќе биде во ред. Престанете да се измачувате поради тоа. Престанете постојано да се грижите околу тоа дали ќе им се допаднете на другите и почнете да работите да си се допаѓате самите на себе. Да, тешки сте и комплицирани. Такви сте затоа што сте полни со љубов, затоа што сте полни со задоволства.

Комплицирани сте затоа што сте полни со убавина. И реалност. И страст. Полни со емпатија. 

Полни сте со она што човек го прави добар пријател. Полни сте со она што животот го прави поинтересен. Полни сте со она што е потребно на овој свет. Не се кријте. Не бидете срамежливи. Не се ограничувајте. Не се обидувајте да бидете некој друг. Не се менувајте. Никогаш.

Но, дишете и трудете се помалку да доцните. И повремено користете го оној планер што никогаш не го отворате.