Жичарницата од утре ќе работи еден час повеќе

Од утре, петок (1.04.2022 год), Жичарницата на Средно Водно ќе работи еден час повеќе, односно од 10 до 18 часот.

Согласно одлуката за возен ред за месец април, од 17 до 17.30 часот е последно возење од долу кон врвот, односно во 17.45 часот е последно возење од врвот надолу.

Секој понеделник и секој последен вторник во месецот, за Жичарницата се неработни денови.

После речиси двегодишна пауза поради мерките за заштита и превенција од Ковид 19, Жичарницата повторно се пушти во употреба на 30.12.2021 година. 

Oд тогаш до денеска, продадени се вкупно 48.544 билети, а најголема посетеност е регистрирана во јануари, односно продадени се 23.598 билети.

Притоа, треба да се има предвид дека посетеноста е поголема од бројот на продадени билети со оглед на тоа дека превозот за деца до 6 години е бесплатен.

Согласно ковид протоколите, во кабина е дозволен превоз до четири лица и задолжително е носење на заштитна маска.

Повратен билет чини 100 денари, а на Жичарницата е дозволен и превоз на домашни миленичиња (куче, маче) за што на услуга се отстапуваат транспортери.

Ден пред Нова година повторно во функција се пуштија и трите автобуски линии до Средно Водно (25, 25А и 25Б), кои за време на викенди и државни празници се бесплатни за сите граѓани.