Стефковски: Време е Скопје да се врати на скопјани, а Данела Арсовска да поднесе оставка

По изборниот пораз на Арсовска, градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски преку социјалните мрежи побара таа веднаш да замине од позицијата.

Кредибилитетот и легитимитетот на секој вршител на јавна функција која се избира на непосредни избори извира и им припаѓа директно на граѓаните, без разлика дали се работи за претседател на држава, пратеник, градоначалник или советник, напиша Стефковски на својата Фејсбук страна.

Стефковски направи компарација помеѓу резултатите од локалните избори на кои победи Арсовска и резултатите од вчерашните парламентарни избори на кои таа имаше убедлив пораз.

„Бројките велат дека во 2021 година, Данела Арсовска е избрана за градоначалник на градот Скопје со гласовите на 118.545 скопјани, а на вчерашните избори Данела Арсовска преку нејзината партија во општините Гази Баба, Ѓорче Петров, Бутел, Чаир, Кисела Вода, Аеродром, Центар, Сарај и Шуто Оризари освои вкупно 2584 гласови“, истакна Стефковски.

Тој преку социјалните мрежи ја повика Арсовска да поднесе оставка, бидејќи тоа било волјата на граѓаните на Скопје.

„Затоа ја повикувам Данела Арсовска да поднесе оставка од функцијата градоначалник на градот Скопје, бидејќи тоа е волјата на скопјани. Време е Скопје да се врати на скопјани“, заклучи Стефковски во својата објава.