За мојата другарка, на денот кога ќе се сети колку навистина вреди

Ова го немам кажано на глас, затоа што се плашев дека ќе звучи како осуда, кога во суштина доаѓа од позиција на благодарност: Не ми се верува колку време ти требаше за да се видиш себеси.

Да го видиш тоа што јас го видов уште пред многу години кога бевме млади и исплашени, но не доволно исплашени и премногу самоуверени на начин кој им беше интересен на оние кои не не познаваат.

Да видиш колку ти всушност си ти – хардкор индивидуалец, личност која знае што и одговара.

Личност којашто не се извинува поради сомневање во себеси, туку затоа што не сака да предизвика штета и болка кај другите.

Личност којашто е искрена на начин кој прво знае да шокира, затоа што не очекуваме после „Како си?“ некој да ни одговори со одговор поинаков од „Супер“.

Личност којашто водеше битки кои моето срце не може се уште да ги сфати и личност којашто се уште наоѓа начин наутро да стане и да љуби.

Личност којашто сака да биде корисна и продуктивна, којашто сака секој ден да се чувствува исполнето.

Личност чиј мозок секогаш работи и секогаш учи и се развива.

Личност којашто со тивко достоинство се бори за тие што ги сака, но не се плаши да биде гласна кога тоа го налага ситуацијата.

Личност која љубезно и со најголема грижа ги сруши ѕидовите кои ги имав изградено и создаде пријателство кое има приоритет и неизбежност, подарок без кој ќе се удавев.

Знам дека во одреден момент во твојот живот, ти ги гледаше овие делови од себе и дека ја забележа сопствената сила и добрина и способност да сакаш. Но, никогаш не бев сигурна дека навистина веруваше во тоа.  Секогаш изгледаше како секогаш нешто да се случува околу тебе и во тебе, а тоа те спречуваше целосно да се видиш себеси. И никогаш не те осудував поради тоа (верувај ми и јас се уште учам да се сакам себеси) и секогаш се надевав дека ќе бидам тука за моментот кога конечно се ќе ти кликне – моментот кога ќе ја видиш сопствената вредност.

Но, никогаш не помислив дека таков неопходен момент од животно значење може да биде исполнет со толку многу болка. Тогаш се сетив како не толку одамна кога започнав да ја сфаќам мојата вредност.

Како внимателно ме слушаше и ме остави да плачам без да ми ветуваш дека работите ќе завршат добро.

Како ме потсетуваше на сите добри работи кај мене кога се гушев од тага и безнадежност.

Како времето и местото и одговорноста не беа важни кога имав моменти или кога имав потреба да пцујам или да правам теории на заговор барајќи траги за тоа што тргнало погрешно.

Беше покрај мене за време на сите оние месеци кога бев невработена, кога бев исплашена, кога бев тажна и кога ми се случуваа секакви лоши ситуации во животот.

На крајот, почнав да се гледам себеси.

И јас бев се што ти секогаш велеше дека сум, се што ти направи да чувствувам за време на тие моменти кои само пријателите ги разбираат.

И сеа ти си тука, во твојот момент. Во тоа тажно, страшно, несигурно реално место каде можеш да избереш да се видиш себеси онаква каква што си, онаква каква што отсекогаш си била или да избереш да се криеш себеси, затоа што се изгледа големо, тешко, преполно со непознати работи и краеви и солзи и прашања.

И можам да го слушнам тоа во твојот глас. Го слушам на начин кој не звучи како тебе, но звучи повеќе како тоа „ти“ коешто чека да биде откриено.

Можам да слушнам дека си подготвена, подготвена да бидеш исплашена, но не доволно исплашена, да бидеш пресамоуверена, да го отвориш твоето срце, да учиш се повеќе и повеќе, да се бориш за себеси после толку години.

Подготвена си да се ослободиш. Подготвена си да ја избереш твојата душа.

Затоа, јас ќе слушам внимателно. Ќе те оставам да плачеш. Нема да ти ветам дека се ќе заврши добро. Но, секогаш ќе бидам тука за тебе. Ќе ти ги покажам добрите работи. Ќе стојам цврсто додека ти се бориш да го најдеш твоето тло.

Затоа што јас те гледам во деновите кога се гледаш себеси, но особено во деновите кога не се гледаш себеси.