Вибер пораки со реклама за здравствени прегледи: Дали граѓаните се „жртви“ на (зло)употреба на нивните податоци?

„Еднакво бубрежно здравје за сите. Специјална цена на нефролошки преглед до крајот на март“ – ова е само една од вибер пораките со маркетинг понуди за лекувања која ја добиле илјадници граѓани во изминатиот период. Испраќач на пораката е клиниката „Жан Митрев“, а во нив се нудат здравствени прегледи по промотивни цени. До редакцијата на Скопје Инфо стигнаа десетина поплаки од граѓани кои биле цел на директната маркетинг кампањата, кои прашуваат од каде таа ги има нивните контакт податоци и забележуваат дека досега никаде не оставиле свој контакт телефон или пак согласност за добивање пораки со маркетинг содржини од било која приватна здравствена установа.

Се поставува прашањето: Дали приватната клиника „Жан Митрев“ за остварување на своите маркетинг цели ги употребува податоците на своите пациенти во согласносто со законот? 

Скопје Инфо на оваа тема побара објаснување од ПР службата на клиниката. Ги прашавме дали таргетирањето на граѓаните е поврзано со претходна здравствена состојба, дали според нив ова е „етички маркетинг“ и дали претходно добиле согласност за истото.  

Од клиниката „Жан Митрев“ без да дадат директен одговор, објаснуваат дека маркетинг рекламирањето не е нешто невообичаено и истото се извршува од компанија која е овластена за да ја извршува таа дејност. Тие информираат и дека пораките кои се испраќаат се поврзани со активности каде се промовира потребата од превенција и подигање на свеста за одредени видови заболувања како карцином на дојка или бубрежно здравје.

„Овие пораки се неповрзани со каква било медицинска состојба или историја на пациентите“, објаснуваат од клиниката. 

Воедно тие додаваат дека при самата употреба на вибер апликацијата, корисниците се согласиле да добиваат маркетинг пораки.

„Како и сите други институции ја користиме оваа можност за промотивни активности поврзани со подигнување на свесноста за одредена состојба и болести и превенција за истите“, стои во одговорот од „Жан Митрев“.

Но, од таму и по неколку обиди од наша страна, не дадоа одговор на прашањето дали клиниката има обезбедено согласност од корисниците кои преку Вибер апликацијата добиле пораки со промотивна содржина, но и на прашањето дали е етички со директен маркетинг и без претходна согласност да се рекламираат здравствени услуги на приватна здравствена установи.

Но, што вели законот? Одговор побаравме од Агенцијата за заштита на лични податоци.

Oд таму се децидни дека обработката на лични податоци за цели на директен маркетинг кој вклучува и профилирање е дозволена само доколку личните податоци се обработуваат по претходна изречна согласност на тоа лице.

Притоа додават дека физичкото лице има право во секое време да поднесе приговор на обработката на неговите лични податоци поврзани со овој вид на маркетинг, кој вклучува и профилирање до оној степен до кој истото е поврзано со директниот маркетинг.

Од Агенцијата за лични податоци, спротивно на тврдењата на одговорните во „Жан Митрев“ јасно нагласуваат дека Законот за заштита на личните податоци го дефинира директниот маркетинг како секој вид на комуникација остварена на било кој начин според најновите технолошки достигнувања, а со цел испраќање на рекламна, маркетиншка или пропагандна содржина насочена директно до одреден субјект на личните податоци (физичко лице), како и обработка на лични податоци која вклучува и профилирање до оној степен до кој истото е поврзано со овој вид на комуникација.

„Законот за заштита на личните податоци предвидува глоба во износ до 2% од вкупниот годишен приход на правното лице за сторен прекршок, доколку правното лице врши обработка на лични податоци за цели на директен маркетинг спротивно на одредбите на Законот за заштита на личните податоци “, стои во одговорот од агенцијата.