Утревечер ќе светне новогодишната елка на плоштадот "Македонија" и ќе биде отворена населбата Винтерленд

Од Град Скопје известуваат дека утревечер ќе светне новогодишната елка на плоштадот "Македонија". 

Со осветлувањето на Новогодишната елка поставена на плоштадот „Македонија“, закажано за утревечер во 19 часот, ќе се отвори и Винтерленд - новогодишната населба што ќе придонесе за празничниот амбиент во градот, во пресрет на Новогодишните и Божиќните празници, додаваат од Град Скопје. 

На осветлувањето на новогодишната елка ќе присуствува и градоначалникот Петре Шилегов, кој ќе ја отвори и новогодишната населба Винтерленд, која како што наведуваат до Град Скопје, дополнително ќе придонесе за празничниот амбиент во градот, во пресрет на Новогодишните и Божиќните празници.

„Осветлувањето на елката ќе го придружува настап на средношколски хор составен од 120 ученици од девет средни училишта на Град Скопје – ‘Никола Карев’, ‘Раде Јовчевски Корчагин’, ‘Јосип Броз Тито’, ‘Орце Николов’, ‘Кочо Рацин’, ‘Васил Антевски Дрен’, ‘Владо Тасевски’, ‘Зеф Љуш Марку’ и ‘Панче Караѓозов’, кои околу половина час ќе изведуваат Божиќни песни. Средношколците на плоштадот Македонија ќе пристигнат придружувани од членовите на Градскиот дувачки оркестар кој ќе изведе парадно концертирање од Старата железничка станица, па по улицата Македонија, се до плоштадот Македонија“, се наведува во соопштението.

Градските власти појаснуваат дека просторот околу елката е уреден како новогодишна населба со украсени куќички во зимски амбиент и катчиња за игра и смеа. Во населбата со име Винтерленд (Зимска земја) ќе има и мала сцена на која секојдневно ќе се организираат настани кои ќе имаат за цел да го привлечат интересот на сите граѓани, без разлика на возраста.

„Ќе има и топ за создавање вештачки снег, со што ќе се дополни зимската слика. Во населбата ќе има катчиња за детски игри, како и разновидни содржини од новогодишен карактер. Просторот околу елката, пак, ќе биде организиран како дел за храна и пијалаци, каде што граѓаните ќе може да седнат и да уживаат во понудата на околните куќички“, истакнуваат од Град Скопје и воедно ги повикуваат сите граѓани да дојдат на плоштадот за заеднички да ја почувствуваат новогодишната магија.

Во центарот на градот ќе има и официјална празнична програма чиј почеток е најавен за 15 декември.