Универзална сала служи само како билетарница

Изградбата на новиот објект на Универзална сала, доцни поради административни процедури.

„Проектната документација ќе се работи до јануари 2016 година согласно со доделениот договор. По изработката на проектната документација, нејзината ревизија и другите административни процедури, како и по изборот на субјекти за изведба и стручен надзор, ќе се започне со градежни активности“, информираат од Министерството за култура,

Како што пишува Утрински, Универзална сала би требало да почне да се урива напролет. Кога точно ќе почнат градежните работи за изградба на новата концертна сала, не може да се дефинира. Тоа, пред се', ќе зависи од роковите на тендерот за избор на изведувач. А од договорот со избраниот изведувач ќе се знае и колку ќе чини изведбата на новиот објект.

Првпат во своето децениско постоење објектот на Универзална сала служи само како билетарница. Во изминативе неколку месеци откако е затворен поради хаваријата со таванот, тука единствено се продаваат билети и тоа за настани кои се одржуваат, на пример, во СЦ „Борис Трајковски“. Таков е случајот и со билетите за годинешното „Златно славејче“. Детскиот фестивал, кој годинава го слави 45. роденден, ќе се одржи во спортскиот центар, а билетите ќе се продаваат на касата на Универзална сала.