Гоце Митрески спаси мало и повредено мече на патот Радожда-Струга

Денот почнува убаво секогаш кога нечиј живот е спасен. Така веста за херојот од Струга, Гоце Митрески, ги стопли срцата на илјадници граѓани од нашата земја.

Според она кое го сподели „Гласот на Америка“, Гоце му го спаси животот на едно мало мече кое го пронајде дехидрирано и повредено на патото Радожда-Струга. Тој веднаш го зел мечето и го однел на ветеринар каде истото било прегледано и соодветно третирано со витамини. 

Бидејќи малото мече уште не е во состојба да живее само во природата и да се грижи за себе, ветеринарот му дал конкретни насоки на Гоце, како да го чува мечето во наредниот период за тоа да може да биде во иднина вратено дома, во природата.

За случајот веднаш била известена полицијата и ловното друштво од Струга од страна на Гоце, кој е голем љубител на животни.

За „Гласот на Америка“ тој објасна дека мечето е сѐ уште повредено и дека истото е згрижено во неговиот дом.

„Мечето тешко се движи и во моментот го имам згрижено во мојот дом, се до негов транспорт на соодветно место. Барам начин во соодветна здравствена институција да му биде направен преглед, односно скенер на главата. Во контакт сум и со надлежни државни институции за понатамошен негов третман“, истакна Гоце за „Глас на Америка“.