Тренчевска: Фокусирани сме на зголемувањето на пензиите, нашите мерки даваат резултати

Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Јована Тренчевска во гостувањето во вестите на Сител телевизија вели дека се фокусирани на пензионерите каде се планирани голем број на бенифиции за оваа категорија на граѓани.

„Фокусирани сме и на пензионерите, со пензионерска картичка со 30% попуст за прехранбени производи, 6.000 денари зимски регрес за секој пензионер, кој ќе се исплатува веќе од оваа година во декември пред новогодишните празници”, нагласи Тренчевска.

Таа посочи дека со методологијата што ја донеле за усогласувањето на пензиите дава резултати и ја следи инфлациајта и порастот на просечната плата.

„Само за две години од март 2022 година до март 2024 година просечната пензија е зголемена за 30 проценти”, нагласи Тренчевска, додавајќи дека со покачувањето во април просечната пензија ќе се покачи на 21.400 денари, а минималната на скоро 14.000 денари.

Тренчевска додаде дека СДСМ во изминатиот период со низа мерки ги таргетираше пензионерите со ниски примања, а исплатата на финансиската поддршка од деветиот пакет антикризни мерки се уште е во тек.

„Зголемување на пензиите за 5.000 линеарно за секој пезнионер е популистичка мерка, која е неостварлива и ќе доведе до крах на пензискиот систем”, рече Тренчевска, коментирајќи ги најавите на опозицијата и нагласи дека според сите проекции тоа би довело до 52% зголемување на дефицитот на пензискиот фонд, што е неодржливо.

Тренчевска потсети дека дефицитот на фондот за пензиско и инвалидско осигурување од 48% во 2017 година е намален на 32,5% во 2024 година.