Трајко Стаматоски: Ние бoрците многу добро знаеме против кого се боревме и со какви жртви

Првото вистинско ослободување на Скопје со сопствени сили е под знакот на општата политичка состојба во земјава и светот, рече Трајко Стаматоски, претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борци од Народно-ослободителната и антифашистичка борба (НОБ) во говорот пред Споменикот на ослободителите на денешното одбележување на 13 Ноември, Денот на ослободување на Скопје.

Сведоци сме на оспорување на нашата национална посебност, на притисок да сториме нешто што никако не можеме да го сториме. Ние како борци сме осебно чувствителни кога се става под прашалник македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Особено сме погодени кога се омаловажува и негира нашата народно-ослободителната борба и светлите датуми во неа, како почетокот на востанието11 Октомври и круната на националната борба АСНОМ. Ние многу добро знаеме како се водеа тие борби и против кого водеше таа борба и со какви жртви се извојува победата, рече Стаматоски.

Тој потсети на храброста на младите партизани во уличните борби, буквално, вели тој, имаше борби за секоја улица, секоја поголема зграда, како Железничката станица, Офицерскиот дом, уличиштето „Гоце Делчев“, женската гимназија, учителската школа. Рече, се сеќава на сите битни моменти, како стрелањето на недолжните скопјани кај Камениот мост.

Овојпат ни се наметнува потсетувањето на далкусежната акција на командантот на главниот штаб на НОБ, генерал Михајло Апостолски да не дозволи влез во Скопје на единици од тукушто преобразената бугарската војска. Се покажа дека и во тешките борби при дефинитивното ослободување на Скопје се имало длабоко чувство како за минатото, така и за иднината, порача тој.