Стручни совети: Како да им се пристапи на децата и тинејџерите кои се соочени со трагедија?

Центар за невропсихологија, психотерапија и за психодијагностика со совети како да им се пристапи на децата и тинејџерите кои се соочени со трагедија, во случајов со тагата и вознемиреноста поради случајот кој од вчера ја вознемири целата македонска јавност. 

- Болка, тага, неверување, вознемиреност, стравови, ужаснување... Безброј мешани емоции... Како понатаму?

Кај децата и тинејџерите може да се јави страв за себе и за блиските, анксиозни реакции, соматизација, несоница, пад во концентрација, хиперфокус на теми поврзани со убиства, губиток на интерес за вообичаени активности, променето гледање на животот..., велат стручните лица. 

Ова се советите како да им пристапиме:

- Бидете тука за нив и обидете се да одговорите на нивните прашања;

- Не ги форсирајте на разговор, доколку не се подготвени;

- Реагирајте со многу трпение;

- Не го негирајте и не го минимизирајте злосторството;

- Прифатете ги и валидирајте ги нивните чувства;

- Обезбедете им дневна рутина, која задолжително треба да вклучува доволно сон и физичка активност;

- Обидете се да ги заштитите од влијанијата на социјалните мрежи, бидејќи таму често се шират вознемирувачки теории кои дополнително го поддржуваат постоечкиот страв;

- Доколку реакциите на вашето дете не стивнуваат и симптомите се продлабочуваат, побарајте стручна помош.

Искрено и длабоко сочувство до семејствата, додаваат од Центарот.