Стандартот и ковид мерките го скратија задоволството наречено зимување

Економската и здравствена неизвесност се причина што голем број македонски граѓани останаа без зимување сеознава. Впрочем, како што повеќето велат, за нив тоа е луксуз, а животниот стандард само на некои им дозволува да уживаат на снег и тоа само ден или два. 

Ако претходните зимски сезони повеќето семејства можеа да одвојат пари од семејниот буџет за барем викенд-одмор на некои од планинските ски-центри во соседна Бугарија, годинава повеќето се одлучуваат за еднодневна прошетка на снег на некои од македонските ски-центри, како Маврово, Шапка, Ниже Поле...

Проблем се дополнителните трошоци околу ковид протоколите. Имено, за соседна Бугарија каде Македонците беа чести гости иминативе години, потребени се негативни-ковид тестови кои се разбира чинат и не така скромна сума, особено кога станува збор за целото семејство.

Многумина сезонава се одлучија за зимување на Копаоник во соседна Србија, но граѓаните коментираат дека тоа е авантура за оние со подлабок џеп.

-Оваа зима ја посетивме Шапка на еднодневна ски-тура, најмногу за децата да уживаат на снегот. Во некои од соседните зимски центри многу е скапо за наш стандард, кога ќе се пресмета, превоз, зелен картон, сместување и храна, опрема за скијање. Плус кога на тоа ќе се додаде и ковид-тестирање..., вели една скопјанка.

-Се откажавме од зимување годинава поради пандемијата. Не би ризикувал во хотел каде периодов има многу гости, исто во спа-базените...Ништо нема да ни се случи без зимување, вели друг скопјанец.

-Изводливо е да се одвојат пари за зимување, треба да си се дозволи тоа задоволство и воопшто не е лукзус особено за оние кои работат напорно, но не се знае какви времиња ни доаѓаат со секојдневните поскапувања, па така решивме да останеме дома. Секако дека одиме до Водно, до Шапка, Маврово, но во сопствена организација, на воздух, и враќање дома, сподели друг скопјанец.