Солидарност и инспирација - За прв пат Македонија ќе добие жена претседател

Претседателската кандидатка Гордана Силјановска Давкова со убедливо водство пред опонетот Стево Пендаровски од СДСМ ќе влезе во втриот круг од претседателските избори закажани за 8. мај.

Професорката за вчерашниот резултат рече дека е неверојатно инспиративен за нејзе и дека нема зборови со кои може да ја искаже благодарноста. 

- Горда сум на мнозина, најпрво на граѓаните, не само на оние кои гласаа за мене, туку и на останатите. Особено сум горда на членовите на ВМРО-ДПМНЕ, заради поддршката, горда сум на мојот тим, ме подреа, ме критикуваа, горда сум на учесниците во изборната трка. Мислам дека сите знаеме дека изборниот процес е најстравствениот политички процес, но сепак во дебатата, во изјавите не го пречекоривме лимитот на пристојноста. Горда сум на коалиционите партнери на ВМРО-ДПМНЕ, зошто каде и да бев јас, таму беа и тие, со поддршка. Се создаде една невидена синергија. Посебно сум горда на жените во Македонија, без оглед на било каква припадност мислам дека е време за идентификација на жена со жена. Жените беа мојата инспирација, мислам дека сум и јас нив. Нема да се однесуваме ние како мажите низ историјата, ќе покажеме дека имаме во себе знаење, ум, креација и вредно е ова општество да го искористи сето тоа, порача синоќа Гордана Силјановска Давкова.

Не мал бројот на овие кои јавно ја поддржуваат професорката за чии принципи сметаат дека се неопходни за земјава, во еден вака сензитивен период на политички план. 

Младата професорка од Правниот факултет „Јустинијан Први“, Христина Рунчева Тасев, во интервју за Скопје Инфо, зборуваше за своето искуство со нејзината менторка. 

- Професорката Гордана Силјановска Давкова е пред сѐ една од најинспиративните професорки која ја поттикна желбата кај мене да изградам академска кариера. Правдољубива, вредна, посветена, темелно и со љубов им пристапува на сите предизвици. Кога требаше да донесам одлука кој ќе биде ментор на мојот докторски труд, немав сомнеж дека тоа ќе биде професорката Силјановска заради тоа што има високи критериуми, а при тоа е постојано достапна за консултации со студентите и конструктивни сугестии за сработеното. Таков профил на човек е потребен да застане на чело на државата: извонреден познавач на правото, а воедно и голем критичар на сите недоследности. Знам дека критиките ќе резултираат со многу конструктивни предлози од професорката во интерес на граѓаните. Сигурна сум дека нема да дозволи да продолжат многуте неправедни одлуки на штета на националните и државни интереси на земјава, пракса која трае последниве години. Приватно, професорката е жена, мајка, сопруга и грижата кон земјата верувам дека ќе биде заснована на она посебно развиено чувство за грижа кон семејството кое ние жените го поседуваме. Нејзината возраст за мене значи искуство и знаење, па според тоа претставува и предност за извршување на оваа највисока државна функција. За осуда се сите манифестации на мизогинија и дискриминација во поглед на возраста во повеќе наврати за време на кампањата, што укажува на незрелиот демократски капацитет, немањето политичка култура и солидарност помеѓу жените политичарки кај нас, раскажа Рунчева Тасев. 

Голема поддршка стигнува и на социјалните мрежи: 

- Многу ми се допаѓа говорот на професорката Силјановска, со кој оддаде признание на жените. Се радувам доколку жена како неа биде на клучното место. Претседателка на државата!, порача Ели Пешева на фејсбук. 

- Во контекст на сите страдања, борби и победи на македонските жени низ историјата. Жена за претседател на републиката е огромен успех и заслужува честитки. Она што жените знаат сега инстинктивно да го направат е да ги надминат разликите и во еден момент да и дадат безрезервна женски солидарна подршка и честитка.

Како никогаш до сега верувам дека токму жена претседател може да продолжи уште посилно и помоќно да ги штити основните човекови права и слободи. Честитки од срце за Гордана Силјановска Давкова идната претседателка на Македонија, сподели еден поддржувач на фејсбук.