Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите

Собранието со 78 гласа „за“ го донесе предлог-законот за измени и дополнување на Законот за извршување на санкциите.

Законот има цел решавање на безбедносните проблеми во казнено-поправните установи, создавање посигурна безбедносна средина како во затворите така и генералната и општата безбедност во државата, пред сè, преку воспоставување законска основа и формирање единици за затворско разузнавање и единици за интервенции, воспоставување систем за видеонадзор и користење боди-камери во установите, намалување на корупцијата во казнено-поправните установи, решавање на проблемот со пренатрупаноста и регулирање и унапредување на правата од работниот однос на сите категории вработени лица во КПУ и ВПУ, извести Министерството за правда.

Покрај зголемување на безбедноста на установите, унапредување на правата на осудените лица и децата, со овој предлог-закон се оди кон подобрување на статусот и на вработените во пенитенцијарниот систем. Постојат повеќе причини за донесување на предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за извршување на санкциите, како, на пример, менување во голем дел на кривичното законодавство во земјата, со тоа и предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за извршување на санкциите како важна алка во кривичното законодавство и кривичноправниот систем во целина, потоа менување на затвореничката структура во Македонија, а во голем дел појавата на сè поголем број радикализирани осудени лица, потребата од заострување на начинот на кој осудените лица по доставување на упатните акти имаа можност за менување на адресата на живеење и со тоа таканаречено избирање на казнено-поправна установа во која би ја издржувале казната и условите во неа, се додава во соопштението на Министерството за правда.