Со голема одговорност, доаѓа голема моќ

Сите веројатно сте слушнале за изреката: „Со голема моќ доаѓа и голема одговорност“. Оваа изрека стана популарна откако беше искористена во филмот „Спајдермен“. Читајќи ја книгата „Е, баш ме заболе“ на Марк Менсон, налетав на една верзија на оваа изрека која ме натера да се замислам околу она што го прочитав, а таа верзија е следнава: „Со големата одговорност, доаѓа и голема моќ“.

Кога ќе одлучиме да прифатиме одговорност во и за својот живот, толку повеќе моќ и контрола ќе имаме над своите животот. Па така, прифаќањето одговорност за нашите проблеми е прв чекор во нивно решавање. Многу луѓе се плашат да преземат одговорност за своите проблеми затоа што веруваат дека тогаш треба да ја преземат и вината. Меѓутоа, одговорност и вина се две различни работи. 

Цело време сме одговорни за искуства кои не се секогаш наша грешка. Тоа е дел од животот. Тоа кој е виновен е работа која треба да остане во минатото. Одговорноста е дел од сегашноста. Вината е резултат на веќе донесени избори. Одговорноста произлегува од изборите кои моментално ги правиме, секогаш, секој ден. 

Вие одлучувате да го читате ова. Можеби некој друг е виновен што мислите дека овие идеи се будалести, но вие сте одговорни за носење сопствени заклучоци и одлуки. Не е ваша грешка тоа што ја напишав оваа реченица, но вие и натаму сте одговорни околу тоа што сте решиле да ја прочитате (или не).

Има разлика меѓу тоа да обвинувате некој поради вашата ситуација и реалната одговорноста на таа личност. Никој друг не е одговорен за ситуацијата во која сте се нашле. Можете да обвините многу луѓе поради вашето незадоволство, но никој не е одговорен за вашето незадоволство, освен вие. Тоа е затоа што секогаш можете да изберете како ќе гледате на работите, како реагирате, какви вредности давате на работите. Секогаш имате избор да одберете мерна единица според која ќе го мерите своето искуство.