Скопската Итна помош доби седум амбулантни возила како донација од ЕУ

Службата за итна помош Скопје доби донација седум амбулантски возила од ЕУ кои се наменети за помош на здравството и обезбедување на подобри услуги за граѓаните.

- “Скопје како најголем град има најголема потреба од овие возила. Денешнава донација ќе може да го ублажи недостатокот од ваквите возила. ЕУ активно дава поддршка во сферата на здравството, со цел да се подобрат здравствените услуги во оваа земја. Ние исто така помагаме во системот за трансплантација како и во спроведувањето на Националната стратегија за здравство, а ЕУ исто така ќе помогне и во однос на подобрување на системот за скрининг и рано откривање на рак, како и превентивната програма“, рече Европскиот амбасадор во Македонија, Дејвид Гир.

На приморедавањето Гир посочи дека е разочаран што системите за магнетна резонанца и компјутерска томографија во Македонија не резултираа со зголемување на нивна употреба и додаде дека во просек, искористеноста на вакви системи во земјите членки на ЕУ е меѓу четири до девет илјади за еден апарат.

Директорот на Здравствениот дом Виктор Исјаковски денеска за време на примопредавањето на опремата, изрази благодарност и посочи дека овие седум возила ќе бидат од помош на над 700 илјади граѓани.

- „Благодарност за овие седум возила. Ќе му докажеме на евроамбасадорот Гир и на сите во Скопје колкава ќе биде искористеноста на овие возила. Веќе е почната постапка за нивна регистрација, и во текот на наредните дена возилата ќе бидат пуштени да им служат на граѓаните на Градот Скопје“, рече Исјаковски