Системот „Сејф сити“ успешно ги помина тестирањата, ќе фрчат казни за недисциплираните возачи

Резултатите од тестирањето на системот „Сејф сити“ се позитивни и веќе е извршено тестирањето инфомираат од Министерството за внатрешни работи за “Плусинфо“. Од таму додаваат дека имплементацијата на системот е во почетна фаза и во тек е пристигнување на целокупната опрема и подготовките за поставување на новите локации, но сеуште не окткриваат кога ќе почне да работи системот во целост.

“ Засега не можеме да информираме кога точно ќе биде пуштен во употреба новиот систем. Во поглед на прашањето која е цената на надградбата на системот „Сејф сити“ и која е фирмата која е ангажирана за нејзина имплементација, истото е класифицирана информација“ додаваат од МВР.

Поминувањето на црвено, движењето со поголема брзина од дозволената, погрешното паркирање и сличните прекршоци ќе бидат регистрирани од новите камери на „Сејф сити“, а казните за сообраќајните прекршоци ќе пристигнуваат на домашните адреси на сопствениците на автомобили.

Од МВРвелат дека  сѐ уште не се донесени законските промени за да биде пуштен во функција системот. Со овие промени треба да биде овозможено фотографијата за сторениот прекршок од страна на возачот да се користи како доказен материјал за негово санкционирање.

“ Во постапка се измени и дополнувања на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со цел да се уреди начинот на обезбедување и испраќање на доказниот материјал од сторителот на прекршокот“ посочуваат од МВР.

По стартувањето на новиот систем со новите камери, возачите ќе треба да бидат многу повнимателни, бидејќи ќе бидат казнувани за секое зголемување на брзината над дозволеното. Исто така, системот ќе ги регистрира и оние возила кои на раскрсница ќе минат кога на семафорот ќе биде вклучено црвено светло. Покрај овие казни, од „Сејф сити“ ќе фрчат казни и за непрописно паркираните возила, кои го попречуваат нормалното одвивање на сообраќајот во градските средини. Нема да куртулат ниту возачите кои не ги носат безбедносните појаси, како и оние кои користат мобилен телефон додека управуваат со автомобилот.

На крајот на минатата година нашиот извор нѐ информираше дека секој сторител на сообраќаен прекршок што ќе биде „фатен“ од камерите, на домашна адреса ќе добие фотографија од возилото со регистарската табличка, местото, времето и опис за тоа кој прекршок е направен.

“ Доколку сопственикот го негира прекршокот, тврдејќи дека тој не го управувал возилото за кое е утврдена казна, тогаш повторно ќе му биде испратена фотографија само од лицето кое го возело автомобилот, но не и на другите патници кои се наоѓале во тој момент во возилото. Тогаш казната ќе биде наменета за возачот, но не и за сопственикот на автомобилот. Секако, приватноста на секој од возачите ќе биде загарантирана, па затоа фотографии ќе добива само лицето кое го управува автомобилот“ велат извори за “Плусинфо“

Камери коишто ќе евидентираат сообраќајни прекршоци засега ќе има во Скопје, во Тетово и во Куманово, како и на автопатиштата, а во иднина се размислува за воведување на системот „Сејф сити“ и во другите градови во земјава и на автопатиштата.