Што се случи со патот од Водно кон Сопиште?

Изградбата на патот Водно - Сопиште заврши пред неколку години, но истиот сè уште не се користи затоа што е заглавен во биркратски процедури, односно се чека издавање дозволи меѓу Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта.

-Патот почна да се гради во 2013 година, а во текот на градбата имаше одредени измени и дополнувања на проектната документација. Во текот на градбата, при пробивање на трасата, на лице место биле направени отстапувања во однос на градежната линија која е предвидена во одобрениот проект за инфраструктура, велат од јавното претпријатие за „Плусинфо“.

Од јавното претпријатие соопштија дека проектот за инфраструктура е одобрен од Министерството за транспорт и врски и во тек е постапка за „измени во тек на градба“.

Откако ќе се одобрат, следува постапка за аплицирање за добивање употребна дозвола на патот со цел да се изврши технички преглед.

Последен пат најава за пуштање на оваа делница имаше пред четири години, но сè уште патот не е отворен за возила.