Шилегов: Ги исполнуваме долговите кон ослободителите

Изминатава година Градот Скопје докажа дека се грижи за нашето наследство од НОБ: возобновен е со години затворениот Музеј на илегалните работилници за оружје, почната е постапката за подигање спомен-обележје на Кемал Сејфула, Сојузот на борци повторно доби свои простории, а соработката со Градскиот одбор на СОЗБНОВ е на највисоко ниво.

Делегации од земјава и од странство денеска положија цвеќиња пред Споменикот на ослободителите, на платото пред Владата на Република Македонија, во чест на 13 Ноември - Денот на ослободувањето на Скопје. Цвеќиња денеска положи и делегација на Град Скопје, составена од градоначалникот Петре Шилегов, претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева и секретарот на Град Скопје, Викторија Аврамовска Мадиќ.

- Денот на ослободувањето на Скопје има посебно место во срцата на секој од нас. Денес со гордост се сеќаваме и го славиме нашето богато и славно минато, но и ја потврдуваме нашата антифашистичка припадност. Така и овој 13 Ноември, вреди да се потсетиме колку тешко и скапо ни е платена слободата. Според историските извори, вкупната сила на фашистичките единици коишто го окупирале Скопје изнесувала една дивизија. Во деновите на борбите за ослободување на Скопје по улиците бил растуран леток на германски јазик, упатен до окупаторските војници и офицери. Ова говори за широкиот зафат во ослободувањето на градот. За илустрација на самопрегорот за ослободување на нашите сограѓани, ќе го споменам само следниов цитат од летокот: „Секоја улица од Скопје води кај партизаните.“ Во ослободувањето на Скопје учествувале единиците на 12. бригада, 3.бригада, 8.бригада, на 42.дивизија, 50.дивизија, како и 16.бригада. Нападот за ослободувањето на градот почнал во текот на ноќта помеѓу 12 и 13 ноември 1944 година. Вечерта, на 13 ноември, Скопје било ослободено, а на борците – ослободители им бил приреден свечен пречек, недалеку од тука. И додека многу градови низ Европа ги ослободуваа странски војски, Скопје го ослободија нашите партизани. Иако беа далеку помалку опремени од окупаторот, иако беа послабо вооружени тие успеаја да го победат затоа што го бранеа својот град, својот дом, а има ли нешто посвето отколку да го жртвуваш животот за својот дом – рече пред присутните градоначалникот Шилегов.

Градоначалникот Петре Шилегов, Претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева и Секретарот на Град Скопје, Викторија Аврамовска Мадиќ, денеска во чест на 13 Ноември - Денот на ослободувањето на Скопје, положија цвеќиња пред Споменикот на ослободителите на градот Скопје на Партизанските гробишта „Бутел“ и пред споменикот на генерал Михајло Апостолски на градските гробишта „Бутел“. Воедно делегација на Советот на Град Скопје, и пред споменикот на генерал Михајло Апостолски на градските гробишта „Бутел“.