Шест прашања за Скопје за најјаките скопски инстаграмџии

Скопје е град на спомени, историја и сеќавања.  Но, ниту еден спомен и едно сеќавање не може да бидат толку силни и да траат толку долго без фотографиите од градот.  Денес, за среќа има уметниците кои секојдневно се будат и заспиваат со нова мисла за нов кадар и нова фотографија од градот, а социјалните мрежи се тука тие идеи и мисли да се споделат, дигитализираат и зачуваат.

На наше големо задоволство денес на шест прашања поврзани со главниот град разговараме со: nikshot_photography, Dbl. dzo, Rjankov, Dzigio, _alexandar__, ___j.n.photography___ .  Сите тие се дел од инстаграм заедницата.

Позади инстаграм профилот на nikshot_photography стои момче кое има 26 години.

Неговото име е Љупчо, а хоби му е фотографија и електроника.

Ѓорѓиоски Филип или на инстаграм познат како dbl.dzо -  24 годишен ентузијаст и креативец кој ja одбрал фотографијата или попрецизно Instagram како платформа како средство за изразување.

Тој е Информатичар по струка, креатор на содржина по хоби. Моментално се занимава со правење на lyric видеа.

Rjankov е роден во времето на Тито, израснат во 90-тите со пасија кон музиката, радиото и диџејството. По професија новинар за која очекува многу подобри денови и што е можно побрзо.

Неговото хоби се фотографијата и велозипедизам, но вели само во сончеви денови.

Dzigio се вика Стефан и доаѓа од Прилеп.

Тој има деветнаесет години, студент е на ФИНКИ во слободно време сака да фотографира и да игра баскет.

_alexandar__ или во секојдневниот живот  Александар Томовски - 32 годишен софтверски инжинер во областа на .Net и cloud технологиите, со страст кон природата и планините од каде се раѓа и желбата за фотографија.

___j.n.photography___е заедничка профил на Јована и Никола.  Двајцата живеат во Скопје. Јована има 20 години и студент на Филозофскиот Факултет на институтот за педагогија.

Никола има 23 години, има дипломирано на Универзитетот Американ Колеџ (UACS), а во тек му се и Магистерските студии на Економскиот Факултет. Заедничко хоби им е фотографирањето.

Скопје Инфо:  Фотографијата: љубов, хоби или професија?

nikshot_photography:  Хоби, љубов и професија – се во едно.

Dbl. dzo:  Ако се набљудува фотографијата како техника, тогаш според некои претходно дадени правила, може секој да ја научи. Но кога ќе биде потемелно обработена како пасија, инстантно се редуцира бројот на ученици. Засега, само љубов.

Rjankov:  Се навикнавме од секое хоби да правиме професија. Некое хоби како што е фотографијата е некогаш најдобро да остане така. Засега останува само љубов.

Dzigio:  Со фотографија започнав пред една година кога го купив мојот entry level canon апарат. Фотографијата моментално е дефинитивно хоби во кое уживам.

_alexandar__:  All of the above :) Љубовта кон фотографијата се чини дека отсекогаш тлеела, со оглед на тоа што долго време фотографирам од хоби, а од неодамна направив и поконкретни исчекри кон професионалната фотографија од техничка и едукативна природа. Па така, постепено фотографијата ми прејде и во втора професија.

___j.n.photography___: Покрај хоби,фотографијата за нас претставува и љубов..па во иднина и професија зошто да не :)

Скопје Инфо:  Ако треба со три зборови да го опишеш Скопје кои ќе бидат тие? 

nikshot_photography: Убав град, но малку тесен и бучен.

Dbl. dzo: Сказни од асфалтот

Rjankov:  Не е за секого.

Dzigio:  Загаден, overpopulated, динамичен.

_alexandar__:   Пренаселен, загаден, хаотичен. разноврсен,  динамичен, забавен - се е ствар на перцепција и на приказна која сакаш да ја пренесеш :) Го преферирам позитивното гледиште. 

___j.n.photography___: Нашето детство, брз начин на живот, дел од нас.

Скопје Инфо:  Дали Скопје е доволна инспирација за фотографирање?

 nikshot_photography: Се зависи од типот на фотографија, но има многу убави места за фотографирање.

Dbl. dzo:  Со моменталната ситуација, дијапазонот на можности е толку проширен што може да се направи солидна фотографија од скоро секое ќоше. Скопје е непресушен извор реално. Инспирацијата не потекнува од градот, туку од самиот креатор.

Rjankov:  Инспирацијата треба да ја имаш во себе и да знаеш како да ја споделиш. Скопје е одлично место за создавање магија.

Dzigio:  Според мене Скопје нуди инспирација за секаков вид на фотографија. Урбана, природа, улична фотографија..

_alexandar__:  Ако треба да одговорам од естетско гледиште како град - не е воопшто. Огромен предизвик е да се фотографира хаотично распределена сива, дотраена и некреативна архитектура, која пак те тера да развиваш креативни гледишта од несекојдневни агли и контексти. Од друга страна пак, како фотограф кој што сака да пренесе приказна, да долови момент, ситуација, емоција.. тогаш може да се каже дека Скопје изобилува со 'материјал' за раскажување. 

___j.n.photography___:  Сончевите денови во Градскиот парк,како и многуте љубовни приказни,убавините на Матка,свежиот воздух на Водно,Старата турска чаршија,Скопското Кале. Дефинитивно Скопје е доволна инспирација за фотографија :)

Скопје Инфо:  Кој дел од градот најмногу го сака објективот?

nikshot_photography: Старите делови на Скопје секогаш ги сака објективот, но и природата знае да биде интересна.  Дефинитивно уличната фотографија направена во вистински момент пренесува најубава порака.

Dbl. dzo:  Чисти улични урбани фотографии, зачинети со Градски Ѕид, портрет во преден план или некој двокатен автобус. Најдобро се фокусира објективот на тие нешта во последно време.

Rjankov:  Добра фотка ќе направиш и од Кале, Водно, Матка, но и во маалскиот колонијал. Се е до моментот. Според нас Градскиот плоштад,Градскиот парк како и Камениот мост се места кои најмногу ги сака објективот.

Dzigio:  Мојот инстаграм е насочен повеќе на "nature/adventure photography" па според тоа сакам да фоткам во Градски парк, Водно, Матка. Но во последно време ја практикувам и урбаната фотографија за тоа има милион локации, катни гаражи, згради и моите омилени "Roof tops".

_alexandar__:  На објективот му е сеедно :)) но конкретно моето око зад објективот се обидува да ги избегне класичните популарни туристички кадри и бара убавина во секое маало и секоја улица од градот. Ако морам, би ги издвоил Дебар Маало и Чаршијата. 

___j.n.photography___:  Според нас Градскиот плоштад, Градскиот парк како и Камениот мост се места кои најмногу ги сака објективот.

Скопје Инфо:  Шти значи „Скопје 2014“: убави фотографии или кич уметност?

nikshot_photography: Широка дебата со две страни: позитивна и негативна.

Dbl. dzo:  Единствен исклучок кој би можел да го направам за Скопје 2014 е погледот од Порта Македонија кон Собрание и ГТЦ. Другото не ни спаѓа во уметност кога видно се прикажани празни столбови од стиропор. Добра замисла до некој степен, страшно лоша реализација во секој поглед.

Rjankov:  Ако не грешам јас немам ниту една фотографија од Скопје 2014. Попрво би прошетал низ Маџир маало или низ чаршија за да фотографирам. Скопје 2014 му го оставам на туристите.

Dzigio:  "Скопје 2014" не спаѓа во ниту една од моите стилови на фотографија така да не практикувам многу да ги сликам "новите" градби. Повеќе го сакам стариот дел

_alexandar__:   Генерално избегнувам туристичка фотографија од градот во кој што сум роден, но уште повеќе го избегнувам 'Скопје 2014'. 

___j.n.photography___:  Во однос на ова прашање најверојатно ќе добиете различни одговори,со поделени ставови,но лично за нас проектот ,,Скопје 2014" значи убави фотографии. :)) 

Скопје Инфо:  Неколку реченици за магијата на градот, скопските улици, скопјани...

nikshot_photography: Магијата со текот на времето ја снемува. Како растеме така просторот станува претесен, се ни е малку, а луѓето стануваат чудни и ладни.

Dbl. dzo:  Скопје е .. дом. Скопје е брутализам, модернизам, Рекорд, инспирација и се измеѓу. Градот е еден коктел на менталитети, мешавина на дијалекти и најдобра лекција која би можел некој да ја има. Барем во рамките на Македонија. Булеварите се често гласни, а уште почесто предизвикуваат спокој. Скопје е поглед и подготовка за adult life.  

Rjankov:  Скопје без скопјани не би било тоа што е. Скопје е посебно за секој кој искрено го сака. ​​

Dzigio:  Во Скопје сум само неколку месеци и за разлика од Прилеп сите си ја бркаат својата работа, многу ретко добиваш кос поглед од минувач ако носиш слусашки или фоткаш нешто на средина на улица :)​

_alexandar__:   Ако ликот не е силна страна на градов, тогаш душата сигурно е - центарот е интересен за игра со светла и луѓе, чаршијата со разноврсноста што има да ја понуди и безбројните приказни што може да ги раскаже, Дебар Маало со уникатниот шарм, пазарите полни со ведри позитивни лица расположени за бескрајни муабети и пазарења покрај шарените тезги, парковите исполнети со љубов и жагор, кафичи/ресторани преполни со луѓе што знаат да уживаат во убавиот (па и лошиот) ден во секое време.. :) 

___j.n.photography___:  . Пред се Скопје е местото каде што ние двајцата сме родени,и сеуште живееме тука.Скопје е град со душа.Нема човек кој еднаш дошол тука,а не го почуствувал тоа.Нема човек кој не се воодушевувал од нашата харизма, шарм и гостопримство. Секоја улица од овој град знае да ни врати прекрасни спомени и за момент да го помести времето.