Се разубавува дворот на училиштето „Никола Карев“ во Карпош

Од Град Скопје известуваат дека продолжуваат со реализација на големиот проект кој произлегува од програмата „За Модерно Скопје“ и се реализира во сите 23 градски средни училишта, во соработка со скопските јавните претпријатија.

- Во средното училиште „Никола Карев“ во општина Карпош, во рамките на проектот, партерно и хортикултурно се уредува дворната површина од 10.740 метри квадратни, со акција за засадување на дрвја и садници, нова тревна паркова површина, поставување нова урбана опрема која ќе им овозможи на средношколците пријатен престој на отворено во катчиња во кои ќе може да се дружат, ќе имаат можност за организирање на предавања и едукативни работилници, велат од Град Скопје. 

Важноста и целта на овој проект е да се поттикнат нашите средношколци за зачувување, одржување и негување на животната средина како и да се креираат нови паркови површини и фитнес зони. Дополнително, во училишните дворни се реализира проектот за надворешни фитнес зони, со реквизити и справи со цел поттикнување и унапредување на здравите животни навики со спортување и рекреирање, информираа надлежните.