Сајкоски од Кичево: Нам ни треба претседател како Силјановска Давкова стабилна и мудра, за Македонија да е повторно горда земја

„Вечерва сум тука заедно со човекот кој ќе ја испиша историјата, кој ќе донесе огромни триумфи на нашата татковина, на нашата Македонија, човекот кој со својата експертиза ќе помогне на секој град, секое село, секој милиметар земја да го оствари својот максимален потенцијал, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Исто така дамата која гордо ќе ја предводи Македонија како претседател, професорката Гордана Силјановска Давкова“, истакна Ѓорѓија Сајкоски, носител на изборната единица 5 при денешното негово обраќање во Кичево.

Сајкоски истакна дека Македонија, Кичево молат за промени и тие промени ќе дојдат на 24 Април и на 8 Мај.

„Долго размислував од каде да почнам да зборувам. Но сфатив дека од каде и да почнам, што и да кажам, заклучокот секогаш ќе ист на крајот – нашата Македонија, нашето Кичево, молат за промени и промените ќе дојдат на 24 Април и на 8 м Мај. Итно е потребно да се врати надежта и оптимизмот. А за тоа да се случи треба еднаш засекогаш да раскрстиме со криминалот, корупцијата и со некадарните политичари кои ги запоседнаа институциите“, рече Сајкоски.

Потсети на дел од ветувањата на СДС пред граѓаните.

„Кичевчани знам дека не сте ги заборавиле празните ветувања на СДСМ. Во мај минатата година најавија отварање на фабрика за производство на литиум-јонски батерии. Но повторно ги излажаа граѓаните, во ТИРЗ зоната има само ливада. Дали испорачаа нешто што ветија? Па тие ни започнатото не успеа да го довршат. Автопатот Кичево-Охрид не чини дупло повеќе заради нивната неспособност. И не го завршија за 7 години“.

Сајкоски исто така се осврна и на тоа што ВМРО-ДПМНЕ има во план да направи.

„Ќе ја зајакнеме економијата, ќе инвестираме во рамномерен регионален развој, правосудството, образованието и здравствениот систем ќе бидат функционални! Ќе знам дека сме успеале во целите кога ќе видам насмевка на сечие лице, кога и младо и старо, без разлика на неговата национална определба ќе сака со гордост да каже: Јас сакам да останам во Македонија! Јас сакам да основам семејство во Македонија! Да творам во Македонија! Македонија е убава земја за живеење! Ќе знам дека сме успеале кога нашата програма платформата 1198 целосно ќе заживее и ќе стане реалност! И можеби дури тогаш, оние празните обувки што ги оставија пред влада, кои го симболизираа масовното иселување од Македонија, ќе бидат пополнети“, потенцираше Сајкоски.

Од Кичево порача зошто граѓаните треба да гласаат за Гордана Силјановска Давкова.

„Силјановска е стабилна, мудра и прецизна во своите настапи. Пендаровски пак, од друга страна, се расфрла со зборови кои ништо не значат, менува ставови секој ден, зборува колку да се допадне и во него не видовме стабилен претседател. Силјановска ќе ја брани Македонија, Пендаровски не го правеше тоа“, дополни Сајкоски.