Пуштена во употреба новата Поликлиника Сарај, ќе опслужува 45.000 граѓани од регионот

Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска присуствуваше на отворањето на новата Поликлиника Сарај којашто ќе опслужува над 45 илјади жители од овој регион на градот.

-Голема е честа утрово заеднички да го промовираме отворањето на новата Поликлиника Сарај, која ќе опслужува над 45 илјади жители во овој дел од градот. Би сакал да истакнам дека ова е заеднички успех со кој треба да се гордееме. Станува збор за инвестиција во вредност од 79 милиони денари, обезбедени од Министерство за здравство, рече Меџити. 

Поликлиниката во Сарај ќе обезбедува здравствена заштита за граѓаните од над дваесеттина населени места (меѓу кои Бојане, Матка, Копаница, Чајлане, Буковиќ, Кондово, Љубин, Радуша, Шишево, Горно и Долно Свиларе, Грчец, Крушопек, Ласкарци и други). Досега, пациентите од оваа општина ги користеа здравствените услуги во најблиската поликлиника Ѓорче Петров.

- Новата поликлиника ќе биде дел од Здравствен дом Скопје, со што ќе придонесе за уште поефикасна здравствена заштита на населението во делот на примарното здравство. Значи, во неа ќе се обезбедуваат здравствени услуги за превентивна здравствена заштита, односно ќе функционираат вакцинални пуктови за деца од предучилишна и училишна возраст со превентивна детска стоматологија. Покрај превентивните служби, во Поликлиниката ќе се обезбедува и специјалистичко–консултативна здравствена заштита. Опремени се биохемиска лабораторија, кабинет за рендген дијагностика, ОРЛ кабинет и кабинет за дерматовенерологија, рече министерот за здравство. 

За успешно функционирање на поликлиниката обезбеден е и стручен медицински кадар, за што во декември, минатата година беа реализирани 26 нови вработувања од разни профили, како што се: доктори на медицина, медицински сестри, лаборанти и друг кадар наменети за Поликлиника Сарај.

- Максимално сме посветени кон зајакнување на јавното здравство преку подобрување на инфраструктурата, набавка на нова опрема, нови лекови и вложување во човечкиот капитал. Со истото темпо продолжуваме и во следниот период, истакнува Меџити.