Првоаприлски маски изработени од електричен отпад на „Е-Капитолијада“ во Аеродром

Аеродром денеска беше повесел и пошарен благодарение на иницијативата за изработка на маски од електричен отпад која „Нула отпад“ традиционално ја организира во соработка со Општина Аеродром и Капитол мол. 

Во пресрет на „Денот на шегата“, дечињата од основните училишта низ Аеродром учествуваа на дефилето кое се одржа во трговскиот центар Капитол, каде ги презентираа своите изработки.

На настанот присуствуваше градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, заедно со конзулот Миха Вилар и претставници од амбасадата на Република Словенија во Скопје.

Тие заеднички истакнаа дека ова е настан кој ја заслужува поддршката секоја година и дека е мал чекор кој на долг рок ќе придонесе за поубава и почиста општина.

-Градењето здрави генерации кои се грижат за чистата животна средина може да го постигнеме само преку континуирана едукација. Едукативните настани како денешниот се добра можност за подигнување на јавната свест и градење навики за соодветна селекција на отпадот, но и за грижата за здравјето и средината, кажа Муцунски.