Нов симбол на верата и надежта над Скопје - Македонскиот крст ќе нѐ чува од Драчево

Вчера, во чест на празникот Цветници, во скопско Драчево беше осветен Македонскиот Крст, висок 63 метри.  

- Од денес погледот кон небото нема да е ист! Од денес над нас, тука во Драчево стои еден моќен симбол на верата, надежта и љубовта. КРСТОТ! Овој ден ќе го запише историјата! - порача вчера градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски. 

- Осветувањето на овој Македонски Крст е чин на почитта кон минатото, вера во иднината и мост кој не спојува сите нас.Тој ќе стои тука, како светилник на нашата заедница, потсетувајќи нè на човековите вредности, на моралот и на нашиот пат кон почит и човекољубие, додаде тој. 

На настанот имаше масовна посетеност. 

Надлежните истакнаа дека овој Крст ќе биде светилиште за сите, мирно место за размислување и молитва, ново збиралиште и центар на Кисела Вода, а можеби и на цело Скопје, од каде ќе одекнува заедништвото, сплотеноста, и љубовта!

Првиот човек на општина Кисела Вода уапти благодарност на Светскиот Македонски Конгрес, на МПЦ И Г.Г. Стефан, и на секој поединец, на секоја компанија, на сите кои дадоа свој придонес за изградбата на Македонскиот крст. Се заблагодари и на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицксоски за поддршката во изминаите две години.