Промоција на „Ронлива“ од Милена Сиљаноска вечерва во Филхармонија-Бар

 

Издавачкиот центар ТРИ денес, со почеток од 19 часот, во Филхармонија-бар ќе го промовира дебитантскиот роман „Ронлива“ од Милена Сиљаноска. „Ронлива“ е поетски роман кој протекува преку внатрешниот шепот на главниот лик. 

Еден громогласно тивок глас се шири како ехо низ страниците. Текстурата на оваа книга е нежна, но изгравирана со длабоки гребнатини од остар предмет, по тело кое длабоко чувствува, кожа со засеци наполнети со густ и монохромен колорит. Романот ќе го промовира Виолета Танчева-Златева, која низ разговор со авторката ќе проникне во неговата содржината.

Милена Сиљаноска оваа година со поетскиот ракопис „Болопадание“ ја освои наградата „Антев златник“ на Меѓународната поетско културна манифестација „Антево перо“. Досега повеќепати има објавувано поезија во студентскиот весник „In medias res“, во списанијата „Современост“,„Зенит“, „Литературни искри“, „Елементи“, „Е-лит“. Работи како уредник во Издавачкиот центар ТРИ. Во своите ракописи опфаќа најразлични теми што зачнуваат егзистенцијални и клучни прашања за времето, судбината, животот и самата смисла на постоењето.

Од ТРИ нè покануваат на уште еден настан од книжевната ризница на домашната литература.