Агенцијата за филм прв пат со свој штанд на престижниот филмски фестивал во Берлин

Агенцијата за филм на Македонија за прв пат ќе биде присутна со свој штанд на престижниот Интернационален филмски фестивал што се одржува во Берлин.

- “Ова е од огромно значење за македонската кинематографија, имајќи предвид дека во последните 15 години се прават напори Северна Македонија да обезбеди свој промотивен простор во рамки на маркетот во Берлин, каде присуствуваат голем број продуценти, дистрибутери, финансиери и фестивалски организатори од целиот свет“, се вели во соопштението од Агенцијата за филм.

Македонската делегација од Агенцијата за филм ќе ги претстави најновите случувања во нашата кинематографија и ќе остварува средби за идни копродукциски соработки.

Во 2024 година Агенцијата за филм закупи и проекција на маркетот за филмот „Убиј ги прво децата“ во режија на Димитар Оровчанец. Со овие проекции, како што се наведува, филмовите добиваат можност да се претстават пред 2.000 професионалци од 110 земји во светот и да бидат откупени или селектирани на некои од филмските фестивали.

- “Присуството на нашата кинематографија на Европскиот филмски маркет, еден од најважните случувања во светот на филмската индустрија, е од големо значење бидејќи потврдува дека се вложува во авторите и во филмската индустрија и се олеснува соработката и промоцијата на филмските професионалци на глобалната филмска сцена“, стои во соопштението.