Професионалните возачи со приоритет при издавање на пасоши

Професионалните возачи со валиден сертификат ќе имаат приоритет при вадење на патни исправи одлучи Владата на вчерашната седница откако до МВР ќе биде доставен список од Министерството за транспорт и врски.

Одлуката за воспоставување брза лента за издавање патни документи на професионалните возачи е донесена по информацијата од Министерството за транспорт и врски за одржаниот состанок со превозници кои вршат превоз на стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај.

Со одлуката се опфатени сите транспортери и превозници кои поседуваат валидни сертификати за професионални возачи, и на кои им се овозможува по приоритет да ги заменат патните документи, со цел континуирано извршување на работните обврски.

Постапката за пријавување ќе се извршува преку здруженијата и асоцијациите на транспортери, со што листите со професионални возачи ќе се достават до Министерството за транспорт и врски, кое ќе ја проверува валидноста на сертификатите, а понатаму ќе се проследуваат до Министерството за внатрешни работи.