Проф.Даниловски: Со апокалипсата е завршено, останува решавањето на постковид-синдромот

Иако во моментов се регистрира благ пораст на бројките на нови позитивни случаи од ковид-19, тој пораст е очекуван, со оглед на велигденските, првомајските и рамазанските празници. Можеме да бидеме спокојни во текот на претстојниот период и за време на летните одмори
-Дури иако есенските денови донесат зголемен број на ковид-позитивни случаи, тоа нема да биде во драстични мерки.
Ваква е ковид-прогнозата за летниот период од годината, но и почетокот на есенските денови на епидемиологот, проф. д-р Драган Даниловски за Нова Македонија

– Она што го прогнозиравме на почетокот на април, ете, сега се остварува. Порастот е благ и воопшто нема да влијае на општата епидемиолошка состојба. Болниците се полупразни, умрени нема. Треба да бидеме спокојни. Целосното релаксирање на мерките е сосема соодветна и пропорционална реакција на предизвикот, вели тој.

Сепак, смета дека старите и хронично болните лица треба да бидат и понатаму внимателни кога ќе влегуваат во затворени простории.

– Ризиците за заразување се навистина мали, но се присутни и понатаму. Тука би спомнал дека е разумно и понатаму да се инсистира на постојана вентилација на затворените простори – дуќаните, угостителските објекти. Тоа дополнително ќе ги намали ризиците за пренесување на вирусот, посочува тој.

Ова, според епидемиологот е особено важно за поединци кои имаат здравствен ризик.

– Сега, тие се во страв како да се движат во услови на комплетно релаксирани мерки. Со експлицитна препорака на Комисијата за заразни болести за водење сметка за вентилацијата, ќе се почувствуваат побезбедни. Се прашувам, зошто комисијата нема препорачано вентилација!? Кога и Светската здравствена организација ја препорачува, вели Даниловски.