Починатата медицинската сестра Ирена постхумно доби признание: Нејзината сестра и посвети емотивен говор од кој ќе ви се стегне срцето

Ирена Дојчиновска Милошевска е медицинска сестра, која работеше во ЈЗУ специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина "13 Ноември" Скопје, и една од медицинските лица кои за жал ја загубија битката со корона вирусот, работејќи ја својата хумана работа и помагајќи им на граѓаните. Токму затоа таа вчера, на значајниот празник за нашето Скопје и институцијата која го носи неговото име, постхумно доби плакета за особен и хуман придонес за развој на институцијата.

За оваа прилика нејзината сестра Марија Дојчиновска Спасовска, и посвети емотивни зборови од кои ќе ви се стегне срцето. Ја објасни својата болка но и лекциите кои ги научила од својата хумана сестра а кои ќе ја водат во животот засекогаш.

„Се уште во твое име ширум ми отвораат врата луѓе, кои вечно ќе те памтат мила моја. Твоите пријатели ми велат дека ги потсеќам на тебе, во ликот, во говорот, гласот, праведливоста, гестикулациите, човечката широчина, а мама ќе додаде на тоа и во погледот и емоциите, амбцозноста.. исти сте со сестра ти. Твоите пријатели често ми велат ме гледаш од горе и многу се гордееш со мене. Еден цел живот ми фалиш на празници, делници, свадби, раѓања, во борби кои како лавица ги минувам храбро, така ме научи ти. И не, не сум веќе тоа исплашено девојче кое не ја губеше надежта дека е заглавено во некој лош сон и дека кога ќе ги отвориш очите ти ќе си тука, но сè уште … длабоко во себе верував дека тука си, ме чуваш, не чуваш сите и ми даваш сила да ги минам полесно сите мои борби кои ми ги носи животот. Те чувам во мојата осаменост, во широката насмевка, те будам во мислата на твоите внуци на кои им фалиш премногу. Те чувам во мојата мисла кога носам важни одлуки, живеам во соништата, во честата тахикардија, во стравовите од загуба оти за мене ти беше и остана единица мерка за болка која нема крај … И уште 100 пати да се родам, пак ќе те барам, пак ќе ми требаш, ќе ме болиш … Еден студен декември ми ја скрши душата, срцето, очите, рацете, крилјата. Тажна душа која продолжи лавовски да се бори со многу радости, борба со многу таги, Ирена моја. Најубавите луѓе што ги познавам се оние кои преживеале пораз, поминале низ страдања, знаеле да се борат, прифатиле загуба и го нашле својот пат надвор од себесожалување. Таквите личности имаат непроценлива вредност, чувствителност и разбирање за живот што ги исполнува со емпатија, благост и длабока грижа полна со љубов. Убавите луѓе се реткост, таква беше ти“, стои во објавата на сестрата на Ирена.

Инаку специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“- Скопје вчера прослави јубилеј од 65 години постоење.