Пановски по обвинувањето дека украл 29 клупи: За жал, Арсовска не е потпишана за да се видиме на суд, се крие зад Градот

Изборите треба да се искористат да се изберат нов градоначалник на Скопје и нов совет оти вака не оди, вели професорот и член на Советот на Скопје, Никола Пановски, кој беше обвинет дека украл 29 клупи оти јавно праша каде се.

За спорните клупи на кејот на Вардар на потегот од Градскиот парк до мостот кај хотелот „Александар палас“, кои ги нема, Пановски вели дека имало точка на дневен ред на седница во февруари, но информација не добиле, па бидејќи нема комуникација со градоначалничката, нема седница за советнички прашања, тој одлучил да сподели на „Фејсбук“ дека клупите се исчезнати.

Неговата објава на „Фејсбук“ иницира Град Скопје да испрати соопштение до медиумите, во кое тврди дека клупите се украдени и кражбата е пријавена, како и низа обвинувања за него, меѓу кои и сомневање дека учествувал во крадењето на клупите.

„Во објавата напишав каде се клупите. Ништо повеќе. И го дадов како пример дека ние за обични работи, кои лесно може да се проверат, апсолутно не добивме информација. Што останува за нешто друго. Претходно, напишав и објава за неодржување на седниците за советнички прашања. Е, тоа однесување, Градот Скопје, а според ракописот – тоа е градоначалничката, го смета за срамно. За жал, не е потпишана за да се видиме на суд, па таму да објаснува, туку се крие зад Градот. Градот се 600.000 луѓе. Тоа е срамно што се прави, срамно е да не се одговара и да се пишуваат такви работи и уште ме упатува во МВР да сум прашал кај некојси кадар на ЛДП. Тој не е кадар на ЛДП, тој си работи во МВР одамна, тој е професионалец и член на ЛДП. Него да сум го прашал, а ако не сум го прашал, сум учествувал бидејќи сум знаел детали како се украдени клупите. Да сум знаел, ги фотографирав. Бев таму со велосипедот и видов како се откорнати“, вели Пановски.

Тој наведува дека градоначалничката е скарана со советниците од ВМРО-ДПМНЕ и во ист кош ги става сите советници иако тој е во групата што ги гласаат предлозите што доаѓаат од Град Скопје за разлика од другите, кои тврди дека требало да се убедуваат за да изгласаат, дури и примање донација.

Пановски вели дека со објавата на „Фејсбук“ сакал да укаже на состојбата во која се наоѓа Градот.

„Сакав да им кажам на граѓаните до каде е работата. Сите треба веднаш да побараме оставка бидејќи градот се распаѓа и да се искористат изборите да се избере нов градоначалник и нов совет. Да не се направи притисок на граѓаните бидејќи вака не оди. Замислете, се расправаме еден час да се прими донација“, рече Пановски.

Иако предлага да се избира нов градоначалник, тој не е оптимист дека работите може да се сменат и вели дека на скопјани им останува да тераат уште една и пол година како досега – на своја штета. Комуналната инспекција на Град Скопје на 12.2.2024 година при извршен инспекциски надзор на кејот на реката Вардар на локацијата што ја посочуваше откри и констатира дека недостига урбана опрема – клупи.

„Макфакс“ побара објаснување од Град Скопје за сомневањата што ги имаат поради кои го обвинија Пановски дека учествувал во кражбата на клупите. Објаснување за сомневањата не дадоа, но велат дека кражбата на клупите ја пријавиле на 12 февруари. „Комуналната инспекција на Град Скопје на 12.2.2024 година при извршен инспекциски надзор на кејот на реката Вардар откри и констатира дека недостига урбана опрема – клупи.

За настанот уште веднаш е известена ПС Карпош, а со допис на 22.2.2024 година повторно е побарано од ПС Карпош да се постапи по пријавата. До овој момент сè уште немаме одговор од надлежната полициска станица“, велат од Град Скопје. Од таму не одговорија и на прашањето зошто за украдените клупи известија дури по објавата на Пановски, а не кажаа ниту дали на местата на украдените клупи ќе постават нови.