„Паднаа“ првите оставки во СДСМ: Еве кој си заминува од партиските фотељи

По резултатите на вчерашните двојни избори двајца потпретседатели од СДСМ доцна синоќа поднесоа оставки.

Фатмир Битиќи и Перо Костадинов синоќа ги соопштија своите оставки од функциите во партијата.

- Стојам пред вас со благодарност, но и со чувство кое ги надминува резултатите од парламентарните избори. Вашиот глас за листата на пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, на која бев ко-носител во втората изборна единица, не е само бројка – тоа е израз на доверба и верување во нас, за што го изразувам своето големо почитување. Гласовите кои ги добивме претставуваат и огромна обврска. Обврска да продолжиме со нашата политичка мисија, обврска да го засилиме дијалогот и да ги слушаме потребите на нашите сограѓани. Но, дел од исполнувањето на оваа обврска бара и политичка одговорност, бара промена. Како потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, обврзан на етички и демократски вредности, одлучив да поднесам оставка од функцијата потпретседател на партијата. Мојата оставка комплетно ќе се ефектуира кога останатите мои другари и другарки кои го сочинуваат партиското раководство ќе го направат истото – од првиот до последниот, порача Битиќи во видео-обраќање кое го објави на својот официјален фејсбук профил. 

- Почитувани граѓани и драги сопартијци, по изборните резултати, поднесувам оставка од мојата партиска функција, потпретседател на СДСМ. Најважни се слободата, мирот и напредокот на Македонија. Граѓаните, денес гласаа на демократски избори, и на слободен начин ја изразија сопствената волја. Како држава, можеме да продолжиме напред само преку заедништво и добронамерност. Потребни ни се внатрешни и надворешни партнерства, силни институции и интеграција на земјата во ЕУ. Сонот за подобар живот дома, е на сите нас, порача Костадинов додавајќи дека СДСМ ќе се реформира, затоа што, како што рече, му е неопходна на општеството.