Овие слабите земјотреси се добра работа, вели професорот Трајковски

Земјотрес со јачина од 4,8 степени според Рихтеровата скала ја погоди Грција, јавуваат грчките медиуми.

Епицентарот на земјотресот бил на 16 километри северозападно од Леонидио на Пелопонез, покажуваат податоците на Геодинамичкиот институт. Земјотресот е регистриран во 6 часот и 20 минути на длабочина од 14,5 километри.

Податоците покажуваат дека земјотресот бил почувствуван и во областа Атика.

Засега нема информации за повредени или материјална штета. 

Изминатиов период низа послаби земјотреси се случуваа во регионот, но и во земјава. 

Професорот од Техничкиот факултет во Битола Дејан Трајковски оцени дека послабите земјотреси се добра работа. 

- Овие слабите земјотреси се добра работа. Ослободувајќи енергија, Земјината кора се растоварува од внатрешни напрегања и се намалува веројатноста за силен, потенцијално разорен земјотрес на определено подрачје, порача тој. 

Веројатноста од посилен земјотрес на едно трусно подрачје е поголема, доколку подолг период нема помали потреси. Движењето на тектонските плочи создаваат енормни напрегања во подрачјата на раседот, кои стануваат се поголеми и поголеми со текот на времето, па ако повремено, преку помали потреси не се ослободува насобраната енергија, со текот на времето ќе се акумулира огромно количество на енергија, со потенцијал за катастрофален земјотрес, појаснуваат експертите.