Огласот е срам и беда! Стручен и спремен лекар или лекар од вашата нација - Бурни рекации за вработувањата на ГАК

Бурни реакции во јавноста вчера предизвика огласот со кој се бараат лекари, Албанци по националност, за вработување на ГАК. 

Премиерот Ковачевски и министерот за здравство Меџити сметаат дека националноста не е мерило за професионалноста, но институциите морале да постапат законски и да наведат која националност недостасува за да се обезбеди правична застапеност. 

Со реакција се јави професорката од Правниот факултет Александра Максимовска која рече дека ваквиот оглас е неуставен. 

- Законот е противуставен! Огласот е срам и беда! Никогаш не смее да стои таков услов! Никогаш немало услов со етничка припадност! - напиша таа како коментар на веста за објавениот оглас. 

Потребен е квалитет, а не етнична затсапеност, на ова алудира и доктор Ненад Лазаров. 

- Ако имате грам здрав разум и визија за идината, наша и на идни генерации, никаков балансер нема да се применува во терциерно здравство туку ќе зацементираме конечно еден единствен критериум а тоа се ВИСОКИ квалификации и ништо друго. Првиот катастрофален настан за здравството беше партизација, од што системот е скоро мртов и народ страда секојдневно, ако дозволиме на најсензитивни клиники исклучиво по политичка и национална основа да се вработува персонал, за сите ќе биде лошо многу наскоро. Сите сме пациенти, ќе треба да легнеме во тие кревети и ние и нашите деца, размислете добро дали ви е битно дали вас или вашите најмили ги лечи стручен и спремен лекар, или лекар од вашата нација, која и да е... напиша доктор Лазаров. 

Граѓаните со реакции дека се додека се бара, како што велат „Едно општество за сите“, а не квалитет, младите и стручниот кадар ќе бегаат од земјава. 

- Ќе останат оние со купени дипломи по медицина. Па, сите знаат дека лекар од кај нас е подостоинствено третиран во друга земја, на пример во Германија, отколку во родената земја, порачаува една скопјанка.