Нова затворена тениска арена ќе се гради во Скопје

Изградба на нова затворена тениска арена во Скопје најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој промовираше серија од 7 мерки за млади лица.

Новата тениска арена која ќе се гради во склоп на спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе биде со површина од 3850 метри квадрати и ќе содржи три тениски терени и еден терен за падел тенис.

Проектирана е и трибина со вкупно 500 седишта, подтрибински простор со административен дел и кафе бар. Тениските терени ќе бидат сертифицирани од светската тениска федерација и ќе бидат според сите светски и европски стандарди.

-Со изградбата на оваа тениска арена и заедно со веќе постоечките терени на отворено и еден монтажен терен сместен во големата арена на спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе се отвори можност да се организираат секаков вид на светски и европски турнири и првенства. Но, најважно од се е дека за прв пат ќе се добие соодветно место за редовен тренинг на оние кои што редовно тренираат тенис, а делумно и за рекреативците. Во текот на зимскиот период, во периодите кога е ладно кога е студено, кога врне снег или дожд, ќе има каде да продолжат да тренираат или играат тенис, потенцираше Груевски.