Намалување за 50 отсто на комуналиите за изградба на куќи во населбите Лисиче и Горно Лисиче

Општина Аеродром продолжува со финансиската поддршка и помош за граѓаните на Аеродром.

-Носиме одлуки кои носат директен бенефит за аеродромци. На последната седница, Советот на Општина Аеродром усвои предлог иницијатива, со која од Град Скопје се бара намалување за 50% на надоместокот за уредување земјиште за изградба на објекти за индивидуално домување (куќи) во населените места во Лисиче, информираат од општината.

Иницијативата го опфаќа реонот на населбата Лисиче и Горно Лисиче на улиците „Ѓорѓи Капчев“ и „Тодор Чангов“.

-Усвоената предлог-иницијатива ќе биде доставена до Советот на Град Скопје и Градоначалникот на Град Скопје за понатамошно усвојување. Имајќи предвид дека истата значи сериозно финансиско олеснување за граѓаните, апелираме до Советот на градот во најкраток временски период да ја разгледа и усвои истата, соопшти Општина Аеродром.

Општина Аеродром во континуитет презема мерки со кои овозможува директна финансиска помош и поддршка на граѓаните.

-Одлуката на советот е уште една потврда за нашата грижа за граѓаните во услови на економска криза. По прифаќањето на одлуката од страна на Градот Скопје, граѓаните на овој дел од општина Аеродром, при изградба на индивидуалните објекти (куќи) ќе плаќаат комуналии кои ќе бидат за 50% пониски од актуелните, велат од локалната самоуправа.