Сопрена градба во близина на Клинички центар која ја загрозувала стабилноста на околните куќи

Овластениот градежен инспектор од општина Центар донел решение со кое на градител што вршел широк ископ на земја во брдо во близина на Клиничкиот центар му се наредува да ја прекине натамошната градба во рок од 15 дена.

Ваквата наредба била издадена откако инспекорот излегол на терен, по укажување на граѓаните загрижени за безбедноста и стабилноста на куќите над Клинички центар.

Притоа било констатирано дека градителот Б.И. со ископот ја загрозува стабилноста на околното земјиште. Според насоките, градбата треба да се усогласи со Законот за градење. Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ поднел барање за мислење до Институтот за сеизмолошки испитувања за да се утврди ситуацијата и да се најде решение за надминување на горливиот проблем на жителите на улицата „Партение Зографски“.