Муцунски: Вардар и „Комити“ добиваат нов спортски терен во Аеродром, поддршката за клубот продолжува и во иднина

Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, на својот Фејсбук профил објави видео од новиот спортски терен наменет за фудбалскиот клуб Вардар.

- Вардар е емоција, македонски спортски бренд со кој сите се гордееме, а ние со задоволство го поддржуваме, вели тој.

Станува збор спортско игралиште лоцирано во непосредна близина на СЦ „Јане Сандански“ кое Општина Аеродром го обнови со поддршка на општествено одговорни компании. Обновата опфаќа целосна реконструкција на соблекувалните, нова трева и нов систем за наводнување на тревата.

Поддршката на фудбалскиот клуб Вардар и навивачката група „Комити“ доаѓа на иницијатива на претседателот на советот на Општина Аеродром, Дејан Митески и градоначалникот Тимчо Муцунски кој во својата објава истакна дека таа поддршка продолжува и во иднина.

- Поддршката за Комити и Вардар доаѓа на наша иницијатива и таа соработка ќе продолжи и понатаму, затоа што силен Вардар значи многу за македонскиот спорт и за младите фудбалски таленти кои ќе се градат и создаваат во иднина, истакна Муцунски во својата фејсбук објава.