МЗТ Скопје Аеродром и фондацијата „Марко Божиновски“ со хуманитарен турнир во Аеродром

МЗТ Скопје Аеродром информира дека завршниот турнир од НЛБ АБА2 лигата, кој ќе се оджри од 13-17 април во спортскиот центар „Јане Сандански“ ќе има хуманитарен карактер, што значи дека продажбата на карти за сите средби ќе оди преку фондацијата „Марко Божиновски“, која потоа ќе ги пренасочи собраните средства онаму каде што е најпотребно.

-На тој начин нашиот клуб, заедно со општина Аеродром, уште еднаш ќе му оддадеме почит на нашиот голем навивач и кадетски и јуниорски ракометен репрезентативец на Македонија, кој неочекувано почина пред 10 месеци. Планирано е да има блок билет, кој ќе чини 300 денари кој важи за целиот турнир, како и поединечен билет за секој натпревар по цена од 100 денари. Цените се симболични, но доволни од целиот турнир да се собере солидна вкупна сума, која и тоа како ќе биде помош за тие на кои им е неопходно, а на кои ќе им биде пренасочена од луѓето од фондацијата „Марко Божиновски“, соопштија од клубот.

Продажбата на билетите започна од денеска, а ќе може да се купат преку интернет-сајтот www.mktickets.mk, преку продажните места на МК Тикетс во Скопје и низ целата Македонија, како и на билетарата пред спортскиот центар „Јане Сандански“.

-Целта на МЗТ Скопје Аеродром е триумф и пласман во Адмирал бет АБА1 лигата, за што, секако, ни е потребна вашата помош. Затоа, дојдете на трибините и во исто време со френетична поддршка помогнете им на нашите кошаркари, а со купување на билет(и) да им помогнете на тие што таа им е најнеопходна, велат од клубот.