„Мош“ и „Интермецо“ казнети со по 13 илјади евра парична казна поради гласната музика

По пријави од граѓани за зголемена бучава од гласна музика од угостителските објекти на територија на Општина Центар, Секторот за Инспекциски работи во општината, во текот на минатата недела, реализираше акција за мерење на бучава. Од општината велат дека акциите се спровеле на целата територија на Општината, при што било извршено мерење на бучавата во локалите „Мош“ и „Интермецо“. 

„По извршените мерења на бучава, овластената лабораторија за животна средина ги достави извештаите од мерењата, врз основа на кои се спроведени инспекциски постапки, со платен налог за глоба за сторен прекршок согласно Законот за заштита од бучава во животна средина“, стои во соопштението од Општина Центар. 

Правните лица можат да платат половина од казната во рок од 8 дена. Доколку не ги платат казните во висина 13 илјади евра, овластениот инспектор ќе достави Барања за поведување прекршочна постапка пред Основен суд, Оддел за прекршоци.

Општина Центар постојано добива поплаки од граѓаните за гласна музика и непочитување на работното време по што во неколку наврати досега има изречено казни за бучава.

Од таму апелираат до сите управители и сопственици на угостителски објекти во општината, да се придржуваат до постоечките правилници, да имаат предвид кон жителите кои живеат во непосредна близина на нивните локали и да се придржуваат до Законот за заштита од бучава во животната средина.