Монтажна катна гаража под прозорецот на недоносените бебиња на Гинекологија

Монтажна катна гаража треба да никне до Клиниката за гинекологија, на просторот каде што беше старата зграда. Оваа катна гаража е една од двете кои ќе бидат поставени во Клиничкиот центар за да се намали сообраќајниот хаос. Втората монтажна гаража е предвидено да биде во близина на Инфективна клиника, пренесува НОВА.

На просторот до Гинекологија, каде што претходната власт сакаше да гради нов Клинички центар, дупката веќе се порамнува и се полни со земја. Но, за медицинскиот персонал од Клиниката за гинекологија е несфатливо како катна гаража може да никне до прозорците на интензивна нега каде што се сместени недоносените бебиња. Тие велат дека овие бебиња кои сместени во инкубатори се со нежно здравје и на апарати за дишење и не смее под нивниот прозорец да има издувни гасови кои ќе ги дишат и бучава од возилата.

“На само два метри од катната гаража е Клиниката за гинекологија и одделот за интензивен третман на недоносени новороденчиња. Издувните гасови ќе влегуваат внатре преку воздухот за вентилација. Имаме бебиња и пациентки на апарати за дишење. Можно ли е некој вакво нешто да дозволил“, реагираат вработени од Клиниката за гинекологија.

Директорката на Клиниката за гинекологија, Викторија Јовановска за НОВА изјави дека на министерот Филипче му било предложено за да се ублажи состојбата да се стави зелен појас меѓу катната гаража и Клиниката за гинекологија.

„Точно е дека на таа страна е Одделението за интензивна нега и звукот им смета на новороденчињата. Ако веќе мора да се прави катна гаража треба да се постави зелен појас, да се засади зеленило и високи дрвја за да се ублажи загадувањето и бучавата. Тоа и му го предложивме на министерот Филипче“, изјави Јовановска за НОВА.