Млади скопјанки во хуманитарна мисија

Група млади девојки од Скопје секојдневно докажуваат дека ако сакаш некому да му помогнеш, нема да те спречат ниту работата, обврските, студеното или топлото време.

Билјана Милошевиќ, Весна Дуева и Маргарета Kуртиќ се три млади скопјанки кои ова го прават секојдневно, живеат да им помогнат на оние на кои најмногу им треба и ништо не бараат за возврат.

Билјана Милошевиќ е хуманистка од многу одамна. Првото семејство на кое му помогнала да се собере хуманитарна помош јавно преку социјалните мрежи е самохраната мајка со четири деца од Волково. Тогаш се уверила во моќта на социјалните мрежи.

- Жената живееше во руинирана куќа, без вода, струја, без прозорци, најмалото дете, бебе, од четири месеци. Отидовме првин со сестра ми и се уверив во лошата состојба. Објавив статус на „Фејсбук“ и така почна се. Набргу собравме многу помош,  обезбедивме стан преку Министерство за труд и социјала, сега е вработена, дечињата растат, одат на училиште. Не можам да опишам како се чувствував. И тага, и радост и гордост. Оттогаш кога ми треба поголема помош за некое семејство, првин објавувам јавно, па организирам помош. Сега кога ќе објавиме апел, за еден ден собираме се што ни треба -  за Дневник, вели Милошевиќ.

Весна Дуева, пак, најпрвин почнала да носи облека во Домот за деца без родители во Скопје, па потоа ги запознала другите хуманистки со кои сега секојдневно помага.

- Многу ме трогна приказната за едно дете што родителите го оставиле во домот зашто не можеле да се грижат за него, немале услови. Така почнав да помагам, посебно во последните две години и откако ги запознав луѓето што помагаа летово во поплавените подрачја во Скопје. Чувствувам неизмерна радост и исполнетост кога ќе му помогнеме на некој. Затоа го правам ова. Најмногу се радувам кога ќе видиме среќни деца и насмевки - вели Дуева.

Маргарета Kуртиќ, пак, која е вработена во „Македонски телеком“, најчесто помага кога е во прашање паричната помош за лекување болни деца.

- Со хуманитарни акции почнав да се занимавам многу одамна, уште немаше ни „Фејсбук“. Но, ни се олеснија многу работи со појавата на оваа социјална мрежа. Апелите за помош за лекување се нешто на кое сум повеќе посветена - објаснува Kуртиќ.

Преку фејсбук-групата „Хумантирна помош за поплавените семејства во Скопје“, која доби награда за интернет-страница на годината, помогнаа на многу семејства од поплавените подрачја. 20-ина волонтери постојано беа во овие села, носеа храна, вода, хигиенски средства, чистеа, информираа каде и што е потребно да се достави, со што избегнуваа злоупотреба на помошта од македонските граѓани. Списоци, мапи, направија функционален систем за никој да не остане без потребната помош. Сега групата ја користат за објава на секакви хуманитарни апели и таа така ќе функционира и во иднина.

- Таа група ја направи Јасна, таа ни собра на некој начин и е постојано со нас кога организираме хуманитарен настан. Таа ја водеше групата, ни даваше информации, не организира, а ние одевме на терен. Таа група има многу членови и многу ни е корисна - вели Милошевиќ.

Објаснуваат дека во Стајковци и сите поплавени села летово доживеале многу трауматски искуства, но никогаш не се посомневале во хуманоста на граѓаните.

Секојдневните ангажмани на овие млади луѓе не им се работа, ниту професија. Велат дека хуманоста не може да биде професија, едноставно, ја имаш во себе. Сите имаат работа, семејства, пријатели, брачни партнери, момчиња и девојки, но секогаш се тука за оние на кои најмногу им требаат.